Оној што сака да го почувствува Божјото благоухание, должен е секој миг да чекори кон смрт! (03.06.2009)
Она што го вкуси дете мое, во твојата молитва онаа ноќ е дејство на благодатта. Барај повторно да ти биде дадено кога Господ ќе сака. Знам еден познат брат, кој еден ден наиде на многу искушенија. И целиот ден го помина во солзи, без воопшто да јаде. И при залезот на сонцето, седејќи на еден камен, гледаше кон врвот на храмот на Преображение и плачејќи, се молеше со болка и велеше: „Господи, како што се преобрази пред Твоите ученици, преобрази се и во мојата душа. Запри ги страстите. Смири ја мојава душа! Дај му молитва на оној што се моли и задржи го мојот незадржлив ум”. Додека го зборуваше ова со болка, се разлеа еден здив како нежен ветар од храмот полн со благоухание којшто – како што ми велеше – ја исполни неговата душа со радост, со просветление и со љубов. Тогаш од неговото срце започна непрекинато да извира молитвата. Тој стана и влезе внатре. Веќе беше стемнето. Наведнувајќи ја главата кон градите, започна да се храни со сладоста којашто истекуваше од дадената молитва. Веднаш беше грабнат во созерцание наоѓајќи се целиот надвор од себе. Веќе не беше опкружен со ѕидови и карпи. Беше надвор од секоја волја. Опкружен во еден мир, во изобилна светлина, во неопределена темнина, без тело. И само околу беше насочен неговиот ум. Повеќе да не се врати во телото, туку засекогаш да остане онаму кајшто е. Тоа беше првото созерцание што го виде тој брат и подоцна повторно си дојде на себеси но продолжи да се бори за да се спаси.
Значи и двата вида на молитва се добри. Вториот, вербалниот, е малку опасен, но сепак поплодоносен. Јас ги практикувам и двата, секоја ноќ. Почнувам со зборови, а откога ќе се заморам, го собирам умот во срцето.
Јас го запознав оној брат, којшто кога беше млад, на околу дваесет и осум до триесет-годишна возраст, го симнуваше својот ум во срцето шест часа така што не му дозволуваше да излезе надвор. Молитвеше од девет часот попладне до три часот ноќе, (имаше часовник којшто ги отчукуваше часовите), така што алиштата му се наводенуваа. Потоа стануваше извршувајќи ги другите свои задолженија.
За да се здобие со слобода, човекот е должен да го скапе своето тело, а и смртта да не му значи ништо.
Молитвата што се принесува со зборови, умно се произнесува без глас, а се нарекува и молба и молитва. Значи, оној што ќе ја започне прозбената молитва, започнува вака: „Боже невидлив, несфатлив, Оче, Сине и Свети Душе, единствена сило и помош на секоја душа, единствен благ и човекољубив, живот мој, радост и мир…” и доволно долго време продолжува изговарајќи ја таквата спонтана молитва. Ако подејствува благодатта, вратата веднаш се отвора, така што стигнува до портата на Небото. Молитвата се искачува како столб или како огнен пламен така што во тој миг настанува промена. Ако, пак, благодатта не содејствува, туку се случи расејување на умот, тогаш го собира во срцето, како во гнездо мирува и не се расејува, како срцето да е место на затворање и чување на умот.
Ако промената се случи, дејствува во средината на прозбата. А, со наидувањето на благодатта, се исполнува со просветлување и со бескрајна радост. Тогаш, оној што прима, не можејќи да го задржи огнот на љубовта, му се успокојуваат чувствата и бидува грабнат во созерцание. До тука е моќта на самата човекова волја. Понатаму од ова тој веќе нема власт, ниту се познава себеси. Бидејќи веќе се соединил со оганот, целиот се пресуштествува, станувајќи Бог по благодат. Ова е Божествена средба при што ѕидовите паѓаат и тој дише друг воздух, на разумот, слободен, полн со рајско благоухание. Потоа, повторно малку по малку облакот на благодатта се повлекува и се стврднува како свеќа. Тој си доаѓа на себеси, како да излегол од една бања, чист, лесен, прозрачен, облагодатен, благ, мек како памук и полн со мудрост и со познание.
Сепак, оној што сака да го почувствува Божјото благоухание должен е секој миг да чекори кон смрт.
Старец Јосиф Спилеот