Преку вистинското покајание, било да е мал или голем, гревот исчезнува (14.06.2009)
Ми пишуваш дека твојот грев можеби не ти е простен. Мислата на Отците е поинаква. Секој грев сторен од човек, кога ќе се покае му се простува. А фантазијата (или сеќавањата) на тој грев, останува врежана до последниот здив. И само малку да биде небрежен човекот, ѓаволот му го отсликува тоа во умот или на сон, за да му ја оскверни помислата и повторно да го направи одговорен за стар грев или за да му го расејува умот. Се сеќаваш на пророкот Давид, кога го разобличи Натан заради Вирсавеа? Тој викна: „Му згрешив на Господ!” А пророкот му вели: „И Господ го предвиде твојот грев”. Значи, веднаш му се прости. Сепак, до крајот на животот е опоменуван. Прво, му умре детето коешто го роди Вирсавеа. Потоа згреши неговиот син спрема ќерката Тамар. Па, го избрка неговиот син Амнон. Ова го претрпе по простувањето. Гледаш ли дека иако е простен гревот, казната дејствува, соодветно на падот. Веројатно си чул за света Теодора Александриска којашто живееше како монах? Згреши, избега, се покаја, се освети. Дури и за прељубата не беше казнета. А кога беше избркана од манастирот, одгледа туѓо дете, но само таа знаеше дека беше наклеветана. И големиот Ефрем не го пикнаа во затвор бидејќи украде теленце, а беше свет? Да, му рече Господ, сега не украде, но како дете не го одврза телето така што го изедоа ѕверовите.
Значи, иако Бог простува за сторениот покајан грев, сепак, остануваат сеќавањата на гревот и за казната. И ти, бидејќи во последно време стана небрежен, Бог допушти и искушението ти востана за да се разбудиш. Затоа стани и повикај „Сине Давидов, сакам да прогледам!” И гледај – застанува пред тебе светлодавецот Исус, запалувајќи ти ја светлината на покајанието и на Божественото познание.
Значи, не се жалостам за она што помина, туку за она што ќе дојде. Зашто помалото од поголемото се благословува.
И гревот, мал или голем, преку вистинското покајание исчезнува. Значи, не се осврнувај назад, туку впери го погледот пред тебе.
Многу сум радосен дете мое, бидејќи имаш желба да научиш. Секако оној што трага да учи и ќе постигне нешто. Друга можност нема! Дури и да не успее, стекнал сознание дека постојат други коишто веќе успеале. Укорувајќи се самиот себе се здобива со смирение. Од Бога бара да добие благодат за да го поткрепи. На тој начин ги досега оние што веќе ја достигнаа добродетелта.
Старец Јосиф Спилеот