Човекот се ослободува со исповед (16.06.2009)
- Во првите години на христијанството, старче, христијаните се исповедале јавно. Дали тоа помага?
- Поинаку било во првите години на христијанството. Сега тоа не помага.
- Зошто, старче? Дали бидејќи тогаш тие имале повеќе ревност?
- Имале и повеќе ревност и ги немале тие проблеми, кои денес ги имаат луѓето. Денес, гледаш, брачните парови се разведуваат од чиста мира, не се како во стари времиња.
Денес луѓето се отуѓиле од Светата Тајна Исповед и затоа се гушат во помисли и страсти. Толкумина денес доаѓаат и бараат од мене помош кога имаат проблеми, а не се исповедаат и воопшто не одат во црква! „Одиш ли на служба Божја во црква?“, ги прашувам. „Не“, велат. „Дали си се исповедал некогаш?“ „Не. Дојдов за ти да ми помогнеш“. „Ама, како? Треба да се покаеш за своите гревови, да се исповедаш, да одиш во црква на Литургија, да се причестуваш, кога за тоа ќе добиеш благослов од духовникот, а јас ќе се молам за да ти биде подобро. Забораваш ли дека постои и друг живот и дека треба да се подготвиме за него?“ „Гледај, оче, мене сето тоа за што зборуваш ти, црква, друг живот и така натаму, не ме интересира. Тоа се сѐ бајки. Одев кај магови, кај медиуми, и тие не ми помогнаа. Слушнав дека ти можеш да ми помогнеш“. И, ајде сега! Им зборуваш за исповедта, им кажуваш за идниот живот, а тие ти кажуваат дека тоа се сѐ бајки, а од друга страна: „Помогни ми, пијам таблети“. Е, како? Со некоe волшебно стапче да им биде подобро?
И ете гледаш, многумина, иако имаат проблеми кои ги предизвикале со своите гревови, не одат кај духовник кој може, сосема сигурно, да им помогне, туку завршуваат така што се исповедаат на психолог. Ќе им ја кажат својата прикаска, ќе ги прашаат за совет, и ако треба да ја преминат реката, биваат фрлени во неа, па се дават, или ќе излезат, но каде излегуваат... А да одат кај духовник да се исповедаат, лесно би преминале на другиот брег преку мост, бидејќи низ Светата Тајна Исповед дејствува благодатта Божја и преку неа добиваат ослободување.
- Некои старче, велат: „Не можеме да најдеме добри духовници и затоа не одиме да се исповедаме“.
- Тоа е само барање оправдание. Секој духовник е овластен од Бог, со самото тоа што носи епитрахил. Ја извршува Светата Тајна, ја поседува благодатта Божја и кога ќе ја прочита разрешителната молитва, Бог ги брише гревовите кои сме ги исповедале после искреното покајание. Од нас самите зависи колку помош ќе добиеме од Светата Тајна Исповед. Така, еднаш дојде во мојата колиба еден човек кој имаше психолошки проблеми, со помисла дека јас поседувам благодатен дар на проѕорливост и дека би можел да му помогнам. „Што би можел да ми кажеш за мене?“, праша тој. „Дека треба“, му одговорив, „да најдеш духовник и да се исповедаш, за да спиеш, лесен како птица, и да не земаш таблети.“ „Нема“, рече, „денес добри духовници. Никогаш и не ни имало.“ Доаѓаат со добра мисла да добијат помош, но не го прифаќаат она што ќе им го кажеш, па е штета што се истрошиле и дошле.
Но гледам дека тука има и нови ѓаволски вештини. Тој им става во главите на луѓето помисла дека се духовно здрави, ако земат ветен дар и одат некаде на поклонение. И така гледаш многу луѓе како со свеќи и ветени дарови одат во манастирите на поклонение, ги закачуваат таму ветените дарови, се крстат, малку и ќе заплачат и со тоа се задоволуваат. Не се каат, не се исповедаат, не се поправаат и ѓаволот на тоа се радува.
- Може ли, старче, да има внатрешно спокојство човек што не се исповеда?
- А како да има спокојство? За да го почувствува спокојството, мора, претходно, да ја отфрли од себе сета нечистотија. А тоа може да го направи само со исповед. Отворајќи го своето срце на духовникот и доверувајќи му ги своите гревови, човекот се смирува и така ја отвора небесната капија, го осенува штедро благодатта Божја и тој се ослободува.
Пред исповедта, хоризонтите се во магла, човекот не гледа јасно и наоѓа оправдување за своите гревови. Бидејќи кога му е умот помрачен од гревот, погледот му се заматува. Со исповедта, како со свеж развигор, се развејува маглата и на неговиот хоризонт станува ведро и јасно. Заради тоа, сите што доаѓаат со мене да разговараат за некој проблем, или да бараат каков било совет, ако никогаш не се исповедале, прво ги праќам да се исповедаат, па дури потоа да дојдат да разговараме. Некои ми велат: „Но ти, старче, ти знаеш што треба да направам за да го решам мојот проблем. Кажи ми.“ „Па и да знам што треба да направиш“, им велам, „ти нема да го разбереш она што ќе ти го кажам. Затоа, прво оди да се исповедаш, па после дојди да разговараме“. Затоа што, како да стапиш во контакт и да се разбереш со човек кој се наоѓа на друга бранова должина?
Со исповедта човекот од себе отфрла сѐ што е неполезно и станува духовно плоден. Еден ден копав во градината со намера да засадам нешто домати. Токму тогаш дојде некој човек и ме праша: „Што правиш, старче?“ „Еве, работам“, му одговарам, „ја исповедам својата градина“. „Ех, старче“, вели, „зар и на градината ѝ е потребна исповед?“ „Сигурно дека е потребно. Се уверив дека, кога ја исповедам вадам од неа корење, трње, коров и така натаму. Ако тоа не го направам, доматот ќе пожолти и целиот е некако закржлавен.“...
Старец Паисиј Светогорец