ГОСПОДОВАТА МОЛИТВА
 
 
 
 
 

ГОСПОДОВАТА МОЛИТВА (17.06.2009)

Нашата света Православна вера не е една од идеологиите или философиите или религиите на овој свет. Бог на Православните не е Богот на философите, т.е. една идеја или некое возвишено безлично начело или некоја религиозна вредност во која се воздигнуваме почнувајќи од подолните вредности.

Ние Православните веруваме во Личниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Тој Троичен Бог ни се открива Себеси преку Втората Личност, Господ наш Исус Христос. Исус Христос се воплотува, го проповеда Евангелието, чудотвори, се распнува, воскреснува од мртвите, се вознесува на небесата и Го испраќа Утешителот, за да нѐ соедини со Бога Отецот и да го воспостави нарушениот однос со Него. Да нѐ донесе во лична средба, општење и соединување со Бога.

Бидејќи Бог е личен, ние не можеме да Го спознаеме надвор од љубовниот однос со Него, што го негува молитвата. Ако Бог беше идеја, тогаш ќе можевме да Го спознаеме со логички докази. Моли се и љуби Го Бога за да Го спознаеш, можеме да му кажеме на некој што Го бара Бога.

Преку молитвата непристапниот Бог станува за нас пристапен. Непознатиот Бог станува познат. Туѓиот Бог ни станува свој и пријател. Тој пат ни го покажа Богочовекот нашиот Господ. Нѐ научи уште дека треба да се молиме со смирение, незлопамтивост, трпение. Ни остави и образец, пример за молитва, на сите христијани познатата “Господова молитва”, “Оче наш”.

Вредноста на оваа молитва е човечки непроценлива:

Прво, затоа што е од Бога предадена.

Второ, затоа што со неа се молеа и се осветија Пресветата Богородица, светите апостоли, светите маченици, преподобните отци, благочестивите христијани од сите векови.

Трето, затоа што го резимира целото Евангелие и сите догмати на нашата вера.

Според свети Максим: „Оваа молитва содржи прозба за сѐ она што Логосот Божји го предизвика со Своето снисходење при воплотувањето, и нѐ учи да копнееме по оние блага коишто само Бог Отец, преку природното посредништво на Синот, вистински ги раздава преку Светиот Дух. Тие дарови се седум: Теологија, посинување преку благодатта, источесност со ангелите, учество во вечниот живот, воспоставување на природата, разрешување на законот на гревот, и отфрлање на тиранијата на лукавиот кој завладеа над нас со измама”. Таа е par exellance молитва на Црквата. На Богослуженијата во деноноќието се произнесува 16 пати,а на Великата Четириесетница 22 пати. А на некој начин е и резиме на Божествената Литургија. Затоа сметав за полезно во вечерашнава моја беседа да ве повикам да се вдлабочиме и насладиме во нејзината Божествена и спасителна смисла, имајќи ги за раководители нашите свети отци, та да се молиме со неа со повеќе љубов и знаење.

 

Архимандрит Георгиј Капсанис