За љубовта (4. дел)
 
 
 
 
 

За љубовта (4. дел) (23.06.2009)

Љубовта не зависи од времето и секогаш има сила. Некои мислат дека Господ страдаше заради Својата љубов спрема човекот, но бидејќи тие самите таа љубов не ја наоѓаат во својата душа, мислат дека тоа било некогаш одамна. Но, кога душата ќе ја познае љубовта Божја преку Светиот Дух, тогаш таа јасно чувствува дека Господ ни е Татко, најродениот, најблискиот, најмилиот, најдобриот и дека нема поголема среќа од тоа да се љуби Бог со сиот ум и со сето срце, со сета душа, како што ни заповедал Господ, и ближниот како самиот себеси. И кога таа љубов постои во душата, тогаш таа на сè се радува. А кога љубовта се губи, тогаш човекот не наоѓа спокој, и се возмутува, и ги обвинува другите за тоа што тие, божем, го навредиле, и не разбира дека самиот е виновен. Тој ја загуби љубовта кон Бога и го осуди или го намрази братот.

Благодатта доаѓа од љубовта спрема братот, и со љубовта кон братот се чува. Но, ако не го љубиме братот, тогаш благодатта Божја нема да дојде во душата.

Ако луѓето ги чуваа Христовите заповеди, ќе беше рај на земјата. И сите ќе имаа сè што е неопходно, дури и со малку труд. И Духот Божји ќе живееше во душите на луѓето, бидејќи Он Самиот ја бара човечката душа и сака да живее во нас. А тоа што не се вселува е само заради гордоста на нашиот ум.

 

 

Луѓето денес станаа горди, и се спасуваат само преку неволји и преку покајание, а љубовта малкумина ја постигнуваат.

Антониј Велики рекол: „Јас повеќе не се плашам од Бога, туку Го љубам.”

Тој го рекол тоа бидејќи во душата имал голема благодат на Светиот Дух, Кој ја сведочи таа љубов. И тогаш душата не може да зборува поинаку. Но оној кој нема голема благодат, него светите Отци го учат на покајание. И покајанието не е далеку од љубовта, што доаѓа според мерата на простотата и смирението на Духот.

Ако некој мисли добро за братот, кого го љуби Господ, и особено, ако мисли дека во неговата душа живее Светиот Дух, тогаш е блиску до љубовта Божја.

Некој ќе рече: тој зборува само за љубовта Божја. Но, за што е најдобро да се зборува ако не за Бога? Та Он нè создаде за да живееме вечно со Него, и да ја гледаме Неговата слава. Кога некој љуби нешто, сака и да зборува за тоа. А потоа се создава навика: ако се навикнеш да мислиш на Бога, секогаш ќе Го носиш во душата. Ако се навикнеш да мислиш на светските нешта, со умот секогаш ќе бидеш во нив. Ако се навикнеш да мислиш на страдањата Господови, и на вечниот оган, душата ќе го присвои тоа.

Во доброто помага Бог, а во лошото демоните. Но, тоа зависи од нашата волја. Треба себеси да се принудуваме на доброто, но знаејќи ја својата мерка. Треба да ја проучиме својата душа и она што е полезно за неа. На некого му е полезно да се моли повеќе, на некого да чита или да пишува. И да се чита е полезно, но подобро е да се молиш нерасеано, а уште подобар е плачот. Како на кого му дава Господ. Конечно, станувајќи од постела, треба да Му благодариме на Бога, потоа да се каеме и да се молиме до ситост. А потоа добро е да се чита за да се одмори умот. Потоа пак молитва и работа. Благодатта доаѓа од сето она што е добро. Но, најмногу заради љубовта спрема братот.

Еднаш на Велигден се враќав од вечерната служба во Покровската Црква, во својата мелница, и на патот стоеше еден работник. Кога му се доближив, тој ми побара да му дадам едно јајце. Јас немав при себе, и се вратив во манастирот, земав од мојот духовник две јајца, и едното му го дадов на работникот. Тој рече: „Ние сме двајца”. Му го дадов и другото. И кога заминав од таму, заплакав од жал за бедниот народ. И се сожалив над сета вселена и над сета твар.

Друг пат, пак на Велигден се враќав од главната манастирска капија во новиот Преображенски конак. И гледам дека во пресрет кон мене трча едно момче на четиригодишна возраст, со радосно лице – благодатта Божја ги радува децата. Имав едно јајце и му го дадов на момчето. Тоа се израдува и се стрча кон татка си да му го покаже подарокот. И заради таа ситница добив голема радост од Бога и го возљубив секое создание Божјо. И го чувствував Духот Божји во душата. Кога дојдов на себеси, од жал спрема светот многу  се молев на Бога плачејќи.

О, Духу Свет, секогаш пребивај во нас. Со Тебе ни е добро.

Но, не ѝ е секогаш толку добро на душата. Ја губам благодатта заради гордоста, и тогаш ридам како што ридаше Адам по загубениот рај, и велам:

„Каде си Ти, Светлино моја? Каде си Ти, Радост моја? Зошто ме остави, да тагува срцето мое? Зошто се сокри од мене, за да се мачи душата моја?”

Кога дојде Ти во мојата душа, ги изгори моите гревови. И сега повторно дојди во мојата душа, и повторно изгори ги гревовите, што Тебе Те сокриваат од мене, како што облаците го сокриваат сонцето.

Дојди и зарадувај ме со Твоето доаѓање.

Зошто се забавуваш, Господи? Ти гледаш дека тагува мојата душа, и со солзи Те барам.

Каде се криеш? Ете, Ти Си на секое место, но мојата душа не Те гледа, и во тага, боледувајќи, Те бара.

Така, кога Ти беше мало дете, Пречистата Дева со Јосиф, боледувајќи Те бараа. Што сè не си мислеше Таа во својата тага, кога не можеше да Го најде Својот Возљубен Син? (Лука 2, 48).

Така, Светите Апостоли по смртта Господова се исполнија со болка и со тага во срцето, мислејќи дека нивната надеж е загубена. Но Господ им се јави по Воскресението и тие Го познаа и се зарадуваа.

Така и сега, Господ им се јавува на нашите души, а душата Го познава Него преку Светиот Дух. Симеон Дивногорец беше момче кога му се јави Господ. И тој пред тоа не Го знаел Господа, но откако Он му се јави, Го позна преку Светиот Дух.

Господ Го даде Светиот Дух на земјата, и преку Него се познава Господ и сè што е небесно. А без Светиот Дух, човекот е грешна земја.

 

 

Душата е должна ненаситно да Го љуби Бога, за умот да не биде заробен од ништо, туку со сета сила да пребива во Бога.

 

Свети Силуан Атонски