За љубовта (6. дел)
 
 
 
 
 

За љубовта (6. дел) (26.06.2009)

Господ ни ја даде заповедта: „Љубете ги вашите непријатели” (Матеј 5, 44). Но, како да ги љубиме кога ни прават зло? Или, како да ги љубиме оние што ја гонат Светата Црква?

Кога Господ одеше во Ерусалим, и Самарјаните не Го примија, тогаш Јован Богослов и Јаков беа спремни да го низведат огнот од небото и да ги истребат заради тоа. Но Господ милостиво им кажа: „Јас не дојдов да погубам, туку да спасам” (Лука 9, 54-56). Така и ние сме должни да имаме само една мисла: сите да се спасат. Душата ги сожалува непријателите и се моли за нив, бидејќи тие отпаднаа од Вистината, и одат во пеколот. Тоа е љубов спрема непријателите. Кога Јуда намисли да Го предаде Господа, тогаш Господ милостиво го вразумуваше. Така, и ние сме должни да постапуваме милостиво со оние што се заблудени, и тогаш ќе се спасиме преку Божјото милосрдие.

 

 

Љубовта се познава преку Светиот Дух. А душата Го препознава во мирот и во сладоста. О, колку сме должни ние да Му благодариме на Бог за тоа што многу нè љуби. Размислете, возљубени браќа: Господ ѝ го дава Светиот Дух на грешната душа, и ѝ дава да ја познае Неговата милост. За да Го познаеме Бог не ни треба богатство. Треба само да го љубиме ближниот и да го имаме смирениот дух, воздржание и послушание, и за тие добри дела Господ ќе ни даде да Го познаеме. А што може да биде на светот поскапоцено од тоа познание? Да се знае Бог, и колку Он нè љуби и на кој начин духовно нè воспитува?

Каде ќе најдеш таков татко што би умрел на крстот заради престапите на своите деца? Обично на таткото му е тешко и го сожалува синот што треба да биде казнет заради своите престапи. Но, дури и ако го сожалува синот, сепак ќе му рече: „Ти постапи лошо, и за своите лоши дела праведно си казнет”.

Господ пак, никогаш нема да ни каже такво нешто. Он и нам ќе ни каже како на Апостолот Петар: „ Ме љубиш ли?” Така и во рајот ќе ги праша сите: „Дали ме љубите?” И сите ќе одговорат: „Да, Господи, ние Те љубиме. Ти нè спаси со Своите страдања на крстот, а сега ни го подари и Небесното Царство”.

И никој на небото нема да се срами така како што се срамеа Адам и Ева по падот. Но, ќе има само кротост, љубов и смирение. Не смирение онакво какво што го гледаме сега, кога се смируваме себеси, и трпиме кога нè укоруваат, или се сметаме за полоши од сите. Туку сите ќе го имаат Христовото смирение, коешто е непостижно за луѓето, освен за оние што го познаа преку Светиот Дух.

 

 

Не можам да разберам зошто луѓето не го бараат мирот од Господа? Та Господ толку многу нè љуби, што за ништо нема да нè одбие. Јас порано не го знаев тоа, и мислев: „Дали Господ ќе се грижи за мене штом толку Го нажалувам? Но, кога мојата душа се исполни со љубовта Божја и со сладоста на Светиот Дух, и тоа толку многу, што кога Господ би ме прашал: „Сакаш ли да ти дадам повеќе од Мојата љубов и од благодатта на Светиот Дух?”, тогаш мојата душа ќе речеше: „Господи, Ти гледаш дека јас не можам повеќе да поднесам, и ќе умрам”. И штом Господ го милува грешникот со Својата несфатлива милост, тогаш што да речеме за Светиите? Колкава ли благодат имаат тие?

Можеби некој ќе рече: „Зошто Господ мене не ме љуби толку, и не ми ја дава таквата благодат?” Така, некој старец му кажал на Антониј велики: „Зошто ти, оче Антониј, имаш поголема слава од мене, а се трудиш помалку од мене?” На тоа Антониј му одговорил: „Затоа што јас Го љубам Бога повеќе отколку ти”.

И ние сме должни да се сеќаваме на тоа, и да знаеме дека оној кој Го љуби Бог, го љуби и својот брат, како што вели Јован Богослов ( 1Јов. 4, 21). И кога некој нè навредува, треба да Му се молиме на Бог за него како за себеси. И така тоа ќе ни премине во навика. Ние самите сме немоќни, но Господ ни помага во тоа, бидејќи Он многу нè љуби.

 

 

Господ толку многу нè љуби, што ние не можеме да го разбереме тоа. Гледајќи го крстот знаеме дека Он се распна за нас и умре во страдања. Но, сепак самата душа не може да ја разбере таа љубов. Таа се познава само преку Светиот Дух.

Благодатта на Светиот Дух е толку слатка и милоста Господова е толку голема, што тоа не може да се опише. Но душата само копнее по Него ненаситно оти е разгорена од љубовта Господова. И душата сета понира во Бог и во Него е многу спокојна, и тогаш сосема го заборава светот. Но милостивиот Господ не ѝ го дава тоа секогаш на душата. Понекогаш Он ѝ ја дава љубовта за целиот свет, и душата плаче за него, и Го преколнува Владиката, Благиот и Милостивиот, за да ја излее Својата благодат врз секоја душа и да ја помилува со Своето милосрдие.

Со што ќе Ти возвратам Тебе Господи, за тоа што излеа толку многу милост врз мојата душа? Те молам, дај ми да ги видам моите прегрешенија и секогаш да плачам пред Тебе, оти Ти ги љубиш смирените души и им ја даваш благодатта на Светиот Дух.

Боже Милостив, прости ми! Ти гледаш дека мојата душа копнее по Тебе, мојот Создател. Ти ја рани мојата душа со Твојата љубов, и таа жеднее по Тебе, и бескрајно тагува, и ненаситно се стреми кон Тебе дење и ноќе. И не сака повеќе да го гледа овој свет, иако го љуби, но повеќе од сè Го љуби Создателот. И мојата душа Те сака Тебе.

О, мој Создателу, зошто толку Те нажалив јас, Твоето мало создание? Но Ти не си спомна за моите гревови.

 

Свети Силуан Атонски