За љубовта (7. дел)
 
 
 
 
 

За љубовта (7. дел) (28.06.2009)

Да се вратиме назад и повторно да почнеме да зборуваме за истото.

Како што јадеме леб и пиеме вода секој ден, и живото тело секогаш повторно сака да јаде и да пие, така и душата не се заморува од постојаното благодарење на Бог, но уште повеќе сака да мисли на Него. Исто така, колку повеќе дрва ставаме во огнот, толку повеќе тој се разгорува. Така е и со Бог. Колку повеќе мислиш на Него, толку повеќе се разгорува љубовта и ревноста спрема Него.

Да знаат луѓето каква е љубовта Господова, тие како стада ќе прибегнуваат кон Христос, и Он сите ќе ги стоплува со Својата благодат. Неговото милосрдие е неискажливо. Од љубовта Божја душата ја заборава земјата.

Господ многу го љуби грешникот што се кае, и милостиво го приклонува на Своите гради: „Каде беше, дете Мое? Јас одамна те чекам.” Господ сите ги повикува кон Себе со евангелски глас. И Неговиот глас се слуша по сета вселена: „Дојдете при мене сите обременети и Јас ќе ве успокојам. Дојдете и пијте вода жива. Дојдете, познајте дека Јас ве љубам. Да не ве љубам, немаше да ве повикувам. Јас не можам да поднесам да загине макар една Моја овца. И таа една, Пастирот оди во планината да ја бара.”

„Дојдете кај Мене, овци Мои.” Јас ве создадов и ве љубам. Мојата љубов спрема вас Ме низведе на земјата. И Јас претрпев сè заради вашето спасение, и сакам да ја познаете Мојата љубов и да кажете, како и Апостолите на Тавор: „Господи, добро ни е со Тебе”.

Слава Му на Господ Бог што Го даде Својот Единороден Син за нашето спасение.

Слава Му на Единородниот Син, што благоволи да се роди од Пречистата Дева и да страда заради нашето спасение, и што ни го даде Своето Пречисто Тело и Крв, како попатнина во Вечниот Живот, и што ни Го прати Светиот Дух на земјата.

Светиот Дух ни ги открива Божјите тајни. Светиот Дух ја учи душата неискажливо да ги сака луѓето. Светиот Дух така ги украсува душата и телото, што човекот станува сличен на Господ во тело. И ќе живее вечно со Него на небесата и ќе ја гледа Неговата слава. Во вечниот живот сите луѓе ќе Му бидат слични на Господ. И никој не ќе ја познаеше таа тајна, да не ни ја откриеше Светиот Дух. Господ е радосен и светол, и луѓето ќе светат подобно на Него, како што рече и Самиот Господ, дека праведниците ќе засветлат како сонце. И Апостолот Јован Богослов вели дека ќе Му бидеме слични.

 

 

Господи, Ти ги привлече кон Себе душите на Светиите. И тие притекнуваат кон Тебе како тивки реки.

Умот на Светиите се прилепи кон Тебе, Господи, и копнее по Тебе, нашата Светлина и радост.

Срцето на Светиите се утврди во Твојата љубов, Господи, и не може да Те заборави ниту за миг, дури и во сонот, оти благодатта на Светиот Дух е слатка.

 

 

Милостивиот Господ ни го даде Светиот Дух нам грешните, и не ни побара ништо за возврат, туку на секој од нас, како на Апостолот Петар, ни вели: „Љубиш ли ме?” Така Господ од нас бара само љубов и се радува на нашето покајание. Такво е милосрдието Божјо спрема човекот: човекот престана да греши, и се смири пред Бог, и Господ милостиво му простува сè, и му ја дава благодатта на Светиот Дух и силата да го победува гревот.

Прекрасно нешто: човекот се гнаси од својот брат, што е ист како него, кога е беден или нечист, а Господ, како мајката што ги љуби своите деца сè простувајќи им, Он ни простува сè, и не се гнаси од ниту еден грешник, но дури и му го дава дарот на Светиот Дух.

Кога луѓето би ја познале љубовта Господова спрема нас, тогаш сосема би ѝ се предале на Неговата света волја. И би живееле спокојни во Бог, како царските деца. Царот се грижи за сè: и за царството, и за семејството, и за синот, и за децата, а синот спокојно живее во дворецот. Нему сите му служат, а тој се насладува од сè немајќи никаква грижа. Така, и оној што ѝ се има предадено на волјата Божја, живее спокојно, задоволен со својата судбина, дури и да е болен, или беден, или прогонуван. Тој е спокоен затоа што со него е благодатта на Светиот Дух. И сладоста на Светиот Дух го утешува, и тој тагува само заради тоа, што многу го нажалил Љубениот Господ.

Ах, како треба да живееме на земјата за душата секогаш да чувствува дека е со Бога? Господ рече: „Нема да ве оставам сираци”, и ни Го даде Светиот Дух, и душата треба да чувствува дека Духот Божји живее во неа. Дури и да е мала благодатта, сепак, душата ја чувствува Љубовта Господова, чувствува дека Господ е наш и ние сме Негови. А оној што не е таков и во душата, ја губи благодатта.

Душата чувствува дека Господ ја љуби, не гледајќи на мноштвото нејзини гревови. Во оние дни му рече Господ на Закхеја: „Закхеј, денес треба да бидам во твојот дом” (Лука 19, 5). И тоа само затоа што тој посака да Го види Христос. Така и сега се случува со грешникот, кога неговата душа се обраќа кон Бога. Денес луѓетого оставија добриот пат и станаа немилосрдни, сите се ожесточија, и повеќе не постои љубов, и заради тоа тие не ја чувствуваат љубовта Божја. Заради ожесточеноста на нивните срца, луѓето мислат дека Он е ист како нив, и сосема ја губат верата во Него.

О, кога само би било можно јас би им Го покажал Господ и би им рекол: “Гледајте каков е Господ. Од Неговата љубов се топи душата на човекот”. Но таа љубов не може да се познае само со умот. Таа се познава преку Светиот Дух.

Господи, дарувај ми да пролевам солзи за себеси и за сета вселена, за сите народи да Те познаат Тебе, и со Тебе вечно да живеат. Господи, удостој нè за дарот на смирениот Свет Дух, за да ја разбереме Твојата слава.

Мојата душа тагува пролевајќи многу солзи: Ги сожалувам луѓето што не ја знаат сладоста на светото умиление. Мојата душа многу сака милоста Господова да биде со сите, сета вселена и сите луѓе да знаат колку желно нè љуби Господ, како Свои деца.

 

Свети Силуан Атонски