Благодатта ја крие својата присутност во оној којшто е крстен...
 
 
 
 
 

Благодатта ја крие својата присутност во оној којшто е крстен... (28.09.2009)

„Со разумното движење на душата, ние сме икона Божја. Телото, пак, претставува нејзино живеалиште. Но со Адамовиот грев не само што се осквернети цртите на оваа богосличност, туку и нашето тело, малку по малку, паднало во тленост. Затоа се воплоти Словото Божјо и бидејќи Бог, со Своето Крштевање ни ја даде водата на спасението заради преродба. Се преродуваме со вода и преку дејството на Светиот и Животворниот Дух. Оттаму, се очистуваме и со телото и со духот – барем оние коишто се стремат кон Бога со целата своја волја - и тоа на тој начин што Светиот Дух се вселува во нас, а гревот бега од Него...“ (Поглавја за духовно восовршување” 78. изд. E. des Places, Sources chrétiennes, 5, Édition du Cerf, Paris, 1943, стр. 136).

 

Благодатта ја крие својата присутност во оној којшто е крстен, чекајќи душата да ја посака. Кога, пак, целиот човек, во наполно ќе се сврти кон Бога, тогаш во неискажливо доживување благодатта открива дека е присутна во срцето... Ако човек почне да напредува држејќи се до заповедите и неуморно повикувајќи Го Името на Господ Исус Христос, тогаш се разгорува огнот на божествената благодат до крајните граници на срцето, спалувајќи го јасно и видливо целиот плевел на земјата на човековото битие (Поглавје 85, исто, стр. 146-147).

 

Кога во молитвеното сеќавање на Бога ќе го затвориме секој излез за нашиот ум, тој незаситливо бара работа со којашто би ја задоволил својата потреба за активност. Тогаш мораме да му го дадеме Господ Исус како единствено занимање кое целосно соодветствува на остварувањето на неговата цел... (1 Кор. 21, 13) (Поглавје 59, исто, стр. 11).

 

Кога душата е возбудена од гневот или поматена од пијанство или притисната со тешка изнемоштеност, умот не може да се восредоточи на молитвеното сеќавање на Господ Исус, колку и да биде принудуван на тоа. Но кога душата ќе се ослободи од страстите и кога ќе стекне благодат, тогаш таа заедно со неа се задлабочува во размислување и повикува кон Господ Исус токму како што мајката го учи своето дете да каже ‘татко’, повторувајќи го зборот со детето сè додека тоа не се научи наместо обичното детстко пелтечење, својот татко јасно да го повикува по име дури и во сон. Затоа Апостолот и вели: „Исто така и Духот нè поткрепува во нашите немоќи; бидејќи не знаеме за што да се помолиме како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување” (Рим. 8, 26) (Поглавје 61, исто, стр. 117-118).

 

Свети Дијадох Фотикиски