Лествица: За негневливоста и кротоста
 
 
 
 
 

Лествица: За негневливоста и кротоста (03.12.2009)

Како што водата кога малку по малку се истура врз огнот сосем го гаси пламенот така и солзата на вистинскиот плач го гаси секој пламен на гневот и избувливоста. Затоа сега и преоѓаме на негневливоста по логичен ред.

            Негневливоста е копнеж по понижувања, исто онака ненаситен како што кај суетните луѓе е ненаситно тежнеењето кон пофалбите. Негневливоста е пораз на природата, што се изразува во нечувствителноста за навреди, нечувствителност што произлегува од големи подвизи и изобилна пот.

            Кротоста е неподвижна состојба на душата којашто не се менува, без разлика дали трпи понижувања или слуша пофалби.

            Почеток на негневливоста е молчењето на усните кога срцето е возбудено. Средина е молчење на мислите при суптилна вознемиреност на душата. А врв, непоколебливиот мир и покрај тоа што дуваат нечисти ветрови.

            Гневот е израз на потајна омраза, т.е. злопамтење. Гневот е желба да му се случи зло на оној што нè разгневил. Избувливоста е запалување на срцето во невреме. Огорченоста е непријатно чувство што се гнезди во душата. Гневот е променлива состојба и грдотија на душата.

            Како што темнината исчезнува кога ќе заблеска светлината така и мирисот на смирението ја потиснува секоја горчина и јарост. Некои луѓе, склони кон гнев, не се грижат за лечењето и искоренувањето на оваа страст; тие бедници не мислат на она што е речено: Тежината на јароста негова го соборува (Сир. 1, 22).

            Брзото движење на еден воденички камен може да го сотре и уништи житото на душата за само еден миг и плодот на дотогашниот подвиг во поголема мера отколку плодот на дотогашниот подвиг во поголема мера отколку спорото движење на друг во текот на целиот ден. Затоа и треба добро да внимаваме. Понекогаш пламенот одеднаш распален со силен ветар ја изгорува и упропастува нивата на срцето повеќе отколку огнот што гори долго.

            Пријатели, ни ова не би смееле да го заборавиме: лукавите демони некогаш во моментите на гнев брзо си заминуваат од нас, за да престанеме да водиме сметка за големите страсти како да се мали, та нашата болест на крајот да стане неизлечлива.

            Како што тврдиот и нерамен камен кога се трие и удира од други камења ги губи неговите нерамнини, сите негови неправилни и груби облици, така и душата избувлива и груба, општејќи и живеејќи со други, исто така груби луѓе, постигнува едно од двете: или со трпение ќе си ја излечи болеста или ќе се повлече и така на сигурен начин ќе ја спознае својата немоќ, којашто како во огледало ќе му се покаже на таквиот во неговото малодушно бегство.

            Гневливиот човек е доброволен епилептичар кому што тоа му преоѓа во навика, а оваа тогаш и против неговата волја го растргнува и угнетува.

            Ништо не е толку недолично за оние што се каат како гневливата возбуденост, зашто преобразбата бара големо смирение, а гневливоста е знак за голема гордост.

            Познати ни се мошне многубројните и лоши последици на гневот. Меѓутоа, само една, ненамерна последица од него, иако на посреден начин, може да ни биде и од полза.

            Познавав луѓе што во настап на обземеност од јарост се ослободија од дамнешното злопамтење што се криело во нив, па така со помош на оваа страст се избавија од онаа, добивајќи од оној што ги навредил извинување или објаснување за она што ги мачело долго време. Сум гледал и такви луѓе коишто привидно трпеа, но неразумно, под плаштот на молчењето во себе криеја злопамтење. И дојдов до заклучок дека таквите луѓе се победни од лудаците, зашто белината на гулабот ја прекриваа како со некоја црнина.

            Треба да ѝ обрнеме големо внимание на оваа змија, затоа што нејзе, како и на змијата на телесните желби, ѝ помага самата природа. Сум гледал и луѓе што би се разгневиле и во својата огорченост би одбиле да јадат и со таквото бесмислено воздржание додаваа отров на отров. А сум гледал и други луѓе коишто својот гнев го користеа како згоден повод за прејадување, па така од јама паѓаа во бездна. Но и други, паметни луѓе сум гледал, коишто како добри лекари ги беа здружиле двете крајности, та од умереното негување на телото имаа најголема полза.

            Кога е умерено, пеењето некогаш одлично го стивнува гневот. А понекогаш, кога е неумерено и неправовремено, му погодува на сластољубието. Ова средство ќе ни користи само ако водиме сметка за самиот момент.

            Наоѓајќи се по некаква работа во близина на келијата на некои луѓе што се беа посветиле на тихување, слушнав како од огорченост и бес сами се караа во својата келија како еребици во кафез, и како на своите навредувачи се нафрлаа како да се присутни. Нив благо ги посоветував да не живеат осамено, за од луѓе да не се претворат во демони. Сум гледал пак и луѓе сладострастни и со лакомо срце, коишто меѓутоа беа кротки и љубезни, братољубиви и љубители на убавината. Нив ги наговарав да се оддадат на безмолвен живот, како лекар против сладострастието и лакомоста, за на најжален начин да не се претворат од словесни битија во бесловесни животни. А бидејќи некои од нив тажно ми говореа дека се многу подложни и на едното и на другото, наполно им забранив да живеат според својата волја, а на нивните духовници пријателски им советував одвреме навреме да им дозволат да водат овој или оној начин на живот, покорувајќи му се сепак на главниот настојател во сè.

            Сластољубивиот со телесните задоволства си штети единствено самиот себеси и можеби уште на еден свој другар. А гневливиот, како волк, често го вознемирува и целото стадо и многу смирени души ги унижува и навредува. Опасно е да им внушиме скрб нашите очи со јароста од срцето, како што е кажано: Од скрб ми се помрачи окото мое (Пс. 6, 8). Уште потешко е ако со зборови се изразува немирот на душата. А кога тоа се прави и со рацете, тогаш тоа е веќе наполно спротивно на монашкиот, тој ангелски и Божествен живот.

            Ако сакаш, па дури и си решил да му ја извадиш раската од окото на другиот, немој наместо лекарски инструмент да употребиш греда. Греда, тоа е тежок збор или не-долична постапка, а лекарски инструмент - тоа е блага по-ука и пријателско прекорување. Укори, вели апостолот, предупреди, замоли (2 Тимотеј 4, 2), а не „тепај”!  А ако и тоа биде потребно, тогаш ретко, па и тогаш не со своја рака!

            Да обрнеме внимание, па ќе видиме дека поголе-миот број гневливи луѓе радо се увежбуваат во бдеењето, постот и безмолвието. Целта на демонот е под вид на плач и покајание да им подметне нешта што ја потхрануваат нив-ната страст.

            Ако еден волк, како што рековме, е во состојба да го вознемири целото стадо, тогаш без сомнение и еден мо-шне мудар брат (со помош на ангелите) како добра меш-ница исполнета со масло може да ги стивне брановите и да го успокои коработ1. И колку што тешка осуда заслужува првиот толку голема награда од Бога заслужува овој вториот, служејќи им на сите за пример.

            Првиот степен на блажената трпеливост е во тоа понижувањето да се поднесе, макар и со болка и горчина во душата. Средина е да се биде во такви околности без та-га. А крај (ако воопшто има крај), навредата да се смета за пофалба. Првиот нека се радува, вториот нека биде сре-ќен, а третиот нека се весели блажен во Господа!

            Забележав кај некои гневливи луѓе една тажна појава којашто настанува кај нив како последица на потајна гордост: откако веќе еднаш се разгневиле, тие уште еднаш паѓаат во јарост заради својот пораз. Се запрепастив гледајќи како падовите се надоврзуваат еден на друг. И не можев без сожалување да гледам како тие самите себеси со грев си се одмаздуваат за гревот. Ужаснат над големото лукавство на демоните за малку не почнав да очајувам за својата вечна судбина.

            Ако некој почувствува дека гордоста и избувливоста, злобата и лицемерието лесно го победуваат, па реши да го исука над нив мечот на кротоста и трпението, нека стапи во еден општежителен манастир, како во рабо-тилница на спасението, ако воопшто сака целосно да се избави од овие страсти; за таму, подложен на угнетување и дразнење од страна на браќата, и духовно, а понекогаш и телесно биен и тормозен, газен и измачуван, да ја очисти ризата на својата душа од нечистотијата. А дека малтретирањето всушност е миење на душевните страсти, нека те увери и една народна изрека. Има луѓе во светот, кои кога некому ќе фрлат навреда в лице, обично фалејќи се пред другите велат: „Добро го изрибав!” А всушност и така е.

            Една работа е негневливоста кај почетникот, којашто произлегува од плачот, а друга е потполното спокојство кај совршените. Кај првите гневот е врзан со солзите како со некоја узда; кај вторите умртвен е со бестрастието како змија со меч.

            Видов тројца монаси коишто истовремено претрпеа навреда од ист вид. Првиот се навреди, но молчеше. Вториот се зарадува за себе, а се нажали за оној што му ја нанесе навредата. А третиот, замислувајќи си каква штета ближниот си нанесе себеси на тој начин, заплака со врели солзи. Така заедно можеа да се видат подвижникот на стравот, подвижникот на наградата и оној љубовта.

            Како што телесната треска, сама по себе секогаш иста, има многу а не само еден извор за својот настанок така пламтењето и појавата на гневот и на останатите наши страсти имаат многубројни и различни причини. Затоа не е ни можно против овие страсти да се одреди еден и ист лек. А ваков совет давам најмногу со цел секој болен со соодветно испитување да си пронајде прикладно средство за неговото лекување. Прв услов на лечењето е да се дознае причинителот на болеста, за кога ќе биде пронајдена причината да може да се примени и соодветен лек од Промислата Божја и од духовните лекари.

            Влезете, како во слика, вие што сакате во Господа заедно со нас да учествувате во ова духовно судење, па на извесен, се разбира, недоволно јасен начин ќе ги испитаме спомнатите страсти и нивните причинители.

            И така, гневот како некој тиранин нека биде окован со кротост, па толчен со трпението и влечен од светата љубов на овој суд на разумот, нека биде подложен на сослушување.

            „Кажи ни го, луда и нечесна страст, името на оној што те создал и името на твојот родител, а исто така и имињата на твоите погани синови и ќерки. Не само тоа туку назначи ги и оние што се борат против тебе и што те убиваат.”

            А гневот, одговарајќи ни, рече:

            „Имам многу мајки и татко не ми е еден. Мајки ми се: суетата, среброљубието, стомакоугодувањето, а понекогаш и блудот. Мојот татко се вика гордост. А моите ќерки: злопамтливост, омраза, непријателство, самооправдување. Противници, коишто сега ме држат окован, ми се добродетелите спротивни на овие страсти: негневливоста и кротоста. Мојот потаен непријател се вика: смирение. А чие дете е тоа, прашајте го во згодна прилика него самото”.

 

На осмиот степен лежи венецот на негневливоста.

Но оној којшто го носи во својата природа

можеби и нема ниеден друг.

А оној што го стекнал со своја пот, без сомнение

воедно ги победил сите осум страсти.