Воведение на Пресвета Богородица (04.12.2009)
Во поглед на највисокиот врв на сите свети, односно во поглед на Мајката Божја Која сега, според зборовите на псалмопевецот, стапува во местото на чудесната скинија и влегува во светињата на светиите, со радосен глас и восклик на оние што тогаш Ја следеле и нас кои денес празнуваме, значи во поглед на Неа Која е повозвишена и од светите на небесата, никој што посебно би се одвојувал од останатите не е во состојба да Ја прослави достојно, ниту пак во тоа би успеале и сите останати заедно што од Неа Родениот ги спаси, дури и кога би било можно да се соединат во една уста. Севкупната твар не може да Ѝ воздаде слава каква што Ѝ доликува, бидејќи стана Мајка на Сесоздателот. Што би биле за Нејзе, во споредба со почестите што Ѝ ги укажува Нејзиниот Син, нашите пофалби, дури и кога би се соединиле сите заедно во нашето славословие? Зар тоа не би била најмалата капка во споредба со бескрајот на Нејзината неизглаголива слава? Овој потфат ги надминува моите сили и не мислам дека сум во состојба да составам пофално слово кое би било достојно на чудесноста на Богомајката, Која е навистина блажена и неспоредливо повозвишена од секое создание.
Но како поинаку да ја стивнам мојата желба, да ја исполнам мојата должност или пак да ја изразам својата благодарност за Нејзината безгранична милост кон мене, ако не така што ќе ја прославувам со целата моја сила? Призивајќи Ја со иста таква вера, и самиот се надевам дека сè до крајот Таа ќе биде моја помошничка и се спуштам во морето на Нејзините чудеса.
На почетокот, Бог ги положи во земјата секоја идеја на чувственото и на обдареното со чувство и бидејќи ништо од тоа не беше во состојба во себе да го опфати и бесмртниот ум (дух), го создаде човекот способен да го опфати бесмртниот ум (дух). Гледајќи го човечкиот род пак, не најде таков кој би бил способен во себе да Го опфати и Бог, бидејќи според зборовите на апостолот, сè е од Него и преку Него и заради Него создадено (Рим. 11, 36). Затоа Он, по Свое благоволение, Jа создаде оваа Секогашдева Која стана Дворец за Него Самиот, способна заради Својата совршена чистота, да ја опфати со Себе полнотата на Божеството телесно, и не само да ја опфати туку и да Го роди - о чудо најголемо! - и да биде создателка на Божјото сродство со сите луѓе, како со оние кои беа пред Неа, така и со оние кои дојдоа после Неа.
Сакајќи да постави образец на секоја убавина и во него да им ја покаже, на ангелите и на луѓето, јасно Својата сила, Бог Ја постави како заеднички украс и за видливиот и за невидливиот свет, поточно го пројави соединувањето на сите божествени и човечки благодати во највозвишена убавина која ги украсува двата света. На тој начин Ја создаде Сепрекрасната, соединувајќи го во Неа сè она со што поединечно ги украсил сите останати, покажувајќи восхитувачки начин на дејствување карактеристичен само за Неговата креативна сила каков што Ѝ доликува на Мајката на Светлината.
Доликувало значи, Онаа што ќе го роди најубавиот меѓу синовите човечки (Пс. 45, 2), и Самата во сè да биде неспоредлива, поради што уште од самото детство била обдарена со чудесна убавина од Оној Кој требало да Ѝ биде совршено подобен, така што благодарение на пројавената сличност во сè да Го препознаваат како чедо на Секогашдева и секое око што гледа да Го исповеда Начелото (Отецот) на Оној што по тело татко нема.
Не значи меѓутоа, затоа што ќе стане Мајка Божја, дека Нејзината природа доби некои посебни божествени благодати и природни дарови, или дека задоби поинаква природа или дека стекна било што такво учејќи од земните учители. Напротив, Таа во сè го потчини водителот, односно Својот ум на Бог, потполно надминувајќи ги земските поуки и на тој начин изобилно стекна горна (небесна) мудрост.
За да изговориме нешто што по достоинство ќе Ѝ доликува на пренепорочната Невеста, наместо зборовите дека Таа стои меѓу двата од Бог избрани рода, ќе кажеме дека Таа е посредничка меѓу Бог и целиот човечки род, зашто Бог Го направи Син Човечки, а луѓето синови Божји.
Ние денес затоа и празнуваме, бидејќи го созерцуваме општокорисниот подвиг на Нејзиното неспоредливо воздржание, натприродното снисходење на Бог на земјата направено со посредство Нејзино, а потоа и нашето, благодарение на Него, воздигнување на небото. Живеејќи тогаш во најпосветеното место на храмот и положувајќи во срцето воздигнување кон Бог, Богоносителката го достигна самото Небо и оттаму кон нас Го привлече небесниот Владика.
Не било потребно оваа одухотворена Одаја на Сецарот да се појави пред сите погледи, бидејќи и изреките на Светото Писмо потврдуваат дека Бог пребива во светлина непристапна (1 Тим. 6, 16). Бидејќи значи не доликувало Скинијата, во која Севишниот пребивал овде на земјата, да води начин на живот видлив за сите, Светињата на светиите Ѝ била доделена на Мајката Дева уште од Нејзиното детство. Очигледно е дека заради Нејзе Која во иднина ќе биде одухотворено место на Божјото пребивање, Мојсеј, предвидувајќи, ја направил оваа скинија и ги подготвил најсветите делови од храмот. На тој начин тој однапред објави дека Taa уште од самото детство во секој збор и дело ќе ги надминува сите по Своето достоинство.
Родителите Ја приведоа кон Бог Богомајката, иако сè уште не беше ни девојка ниту девојче туку дете на кое тие му беа сè уште потребни и беше штотуку одвоена од мајчините гради и детската храна. Но и на таа возраст Taa, пред оние што Ја гледаа, покажа непогрешлив начин на размислување, зашто сите видоа како пристапува со неискажлива радост. Кога свештеникот Ѝ пристапи и го изрече пророштвото за Неа: Чуј, ќерко, погледни и обрни го кон мене увото свое, заборави го народот свој и домот на таткото свој, и на царот ќе му омиле убавината твоја, (Пс. 44, 10-11), Таа откако го слушна тоа скромно истапи напред и напуштајќи ги веднаш сите, родителите, хранителите, врсничките, замина од оние што Ја испраќаа и радосно му пристапи на архиерејот.
Зарем тоа не предизвикува восхит? Како тригодишно девојче стана цел на грижата на Највисоката промисла и сама по себе почнала да ги разликува природата и Создателот на природата, да укажува поголема почест на повозвишеното, да Го стави Бог пред татковите и мајчините прегратки, Божјиот храм и неговиот архиереј пред семејните нежности, сметајќи го сето тоа за ништовно, поставувајќи Го Бог и Божјото над сè, радосно притекнувајќи Му. Оваа Дева имаше ум најобдарен со расудување, кој и пред Таа да порасне, значи пред Нејзината зрелост, уште од тогаш се покажа непоколеблив во сè.
Така благодатната Дева, барајќи начин на кој уверливо и вистински ќе беседи со Бог, пред Кого по сопствена одлука или подобро кажано по Божја волја се покажа како застапничка, вредно се трудеше во секоја добродетел, го изучи она што е кажано во законот и во преданието а исто така и она што им припаѓа на најважните науки, за носејќи го тоа во себе, да испита што е најсвојствено за Бог, знаејќи дека тие што го поседуваат тоа својство го користат за да станат подобни на Бог. Разбирајќи дека луѓето што постоеле пред Неа немаат пројавено ништо што сигурно би укажувало на таква добродетел, Таа го создава најдобриот и најсовршениот пат, го изнаоѓа и го практикува највозвишеното созерцание и им го предава на луѓето кои доаѓаат после Неа. Тоа созерцание толку го надминува она другото колку што и вистината ја надминува фантазијата. Имено тоа созерцание за кое зборуваат покровителите на науката и философијата, а кои ништо не знаеле за превасходниот вид на созерцание (теорија), иако во нивното учење и се наоѓа дел од вистината, ја одрекува можноста за боговидение и укажува на тоа дека општењето со Бог се ограничува на стекнување знаење, зашто не е исто да се зборува за Бог и да се сретне Бог.
За да стане човек навистина близок со Бог не е возможно доколку не се очисти и не истапи од себе, подобро над себе, напуштајќи го со сетилата она што е сетилно спознатливо и издигнувајќи се над логичните расудувања и силогизми, над секое знаење и мисла, наоѓајќи се потполно под дејство на духовното чувство и достигнувајќи незнаење што е над секое знаење, односно, над секој вид позната философија доколку знаењето е нејзина исклучива цел.
Бидејќи застапниците нужно мора да се сретнат со оние кај кои доаѓаат како застапници, Дева значи трагајќи по средба, стекна свој раководител во безмолвието, односно во свештеното тихување. Безмолвието е вистинско делување пропратено со вистинско созерцание односно боговидение - тој единствен вистински показател (знак) дека душата е здрава. Како што секоја добродетел се покажува како заштитен лек за болестите на душата и на лукавите страсти кои се вкоренуваат во неа како последица на мрзеливоста, созерцанието се појавува како плод на здравата душа, како завршеток и еден вид обожение. Преку созерцание човек се обожува значи, не по пат на разумска аналогија, врз основа на зборови или видливи нешта - никако не мислиме на нешто такво слично зашто сè е тоа човечко и земно - туку со безмолвие. Оние што на тој начин го очистиле срцето со свештено безмолвие, откако се соединиле со неискажливата светлина која ги надминува чувствата и умот, во себе како во огледало Го созерцуваат Бог. Сеопфатен доказ дека свештеното безмолвие носи голема полза, дека ги соединува со Бог оние што Го следат, претставува оваа Дева Која Му се предаде од најрано детство, Единствената од сите Која уште од детството го прифати натприродниот подвиг на безмолвие и Која единствено во утробата безбрачно Го носеше Богочовекот Логос.
Отфрлајќи ги врските со земното уште на самиот почеток на животот, Пречистата се оддалечи од луѓето и од овој беззакон живот и пребивајќи во светилиштето одбра живот невидлив за другите луѓе и без заедничарење со нив. Пребивајќи во храмот се ослободи од сите вештествени окови и ги отфрли сите врски, истовремено издигнувајќи се над сожалувањето над сопственото тело, собирајќи го умот во восредоточеност над самиот себе, во внимание и непрестајна молитва. Бидејќи на тој начин во потполност завладеа со Себе и се издигна над разноликото мноштво помисли, Пречистата го постави новиот и неискажлив пат кон небото, кој јас ќе го наречам духовно (умно) молчание. Предавајќи го Својот ум на духовно молчание, се издигна над секоја твар, подобро од Мојсеј ја виде славата Божја и беше посветена во божествена благодат, која никако не е подложна на силата на чувствата, туку претставува восхитувачко и свештено видување на непорочните души и умови.
Кој меѓутоа Го сакаше Бог повеќе од Онаа Која сега Ја прославуваме? И Кого Бог сакаше повеќе од Неа? Кое создание е почисто од Неа, или е еднакво или е приближно како Неа? И затоа, бидејќи со највозвишени созерцанија достигна до највозвишени совршенства, единствена меѓу сите од памтивек постоечки луѓе се соедини со Бог и се вподоби на Бог, исполнувајќи ја и завршувајќи ја заради нас таа натприродна задача. Таа не само што го стекна она неискажливо издигнување на умот, туку го употреби заради нас и поради големата смелост што ја имаше пред Бог, го направи тој голем и повеќе од голем подвиг. Таа не само што стана подобие Божјо, туку и Бог Го направи да стане подобие човечко, не само што Го приклони кон Себе, туку и бессемено Го понесе и неискажливо Го роди, бидејќи беше вообличена со благодатта Божја (поради што архангелот Ја нарече Благодатна) и по природата човечка Го вообличи Бог.
Кој ќе ја опише големината Твоја Дево? Кој ќе ја искаже целата Твоја слава, Богоносителке? Ти стана Богомајка соединувајќи го умот со Бог, а Бог со телото, Го направи Бог Син човечки и човекот син Божји, го помири светот со Оној што светот го создаде, со дела нè поучи дека луѓето до созерцание не доаѓаат по пат на сетилата или мислењето (бидејќи тогаш би биле само незначително подобри од бессловесните созданија) туку преку очистувањето на умот и преку причестувањето со божествената благодат. Ти ни подари да можеме со сетилните очи да Го видиме Невидливиот во лик и обличје како што е и нашето, да се приближиме до Невештествениот и Недопирливиот Кој прифати вештество.
Да го созерцаме ова големо видение, односно како нашата природа совечнува со невештествениот оган божествен, и отфрлајќи ја кожната облека во која се облековме после престапот, да застанеме на света земја. Нека секој во себе ја покаже светата земја по пат на добродетелите и стремењето кон Бог, та кога Бог ќе се појави во оган да имаме смелост пред Него, и да Му притекнеме заблеснувајќи и вечно блескајќи во славата на Неговата највозвишена светлост на трисолнечниот и единоначален Блесок, Кому доликува секоја слава, власт, чест и поклонение, сега и во бесконечни векови. Амин.
Свeти Григориј Палама