Лествица: За радостотворниот плач (05.12.2009)
Плачот по Бога е тагување на душата и такво расположение на болното срце во кое срцето незапирливо го бара она по што копнее; не наоѓајќи го бараното страдајќи лута и затоа горко плаче. Со други зборови, плачот е за душата златно жило: забоден во срцето со света тага постојано ја опоменува и ја ослободува од секоја приврзаност и страст.
Умилението е непрестајно мачење на совеста, кое со внатрешно исповедање го разладува пламенот на срцето. Исповедта е самозаборав на природата, како што некој заборава да го јаде лебот свој (Пс. 101, 5). Покајанието е лесно откажување од секое телесно задоволство.
Својство на оние кои во блажениот плач уште напредуваат е воздржанието и молчанието на устата; на оние што веќе напреднале - негневливоста и незлопамтливоста; а на совршените - смиреноумието, жедта за понижувања, доброволното жеднеење по неволни маки, неосудувањето на оние што грешат, натприродната сомилост. На првите мора да им се воздаде одобрување, вторите се за секаква пофалба; а блажени се оние што се гладни за маки и жедни за понижувања, зашто тие ќе се наситат со храната од која никогаш никој не се презаситил.
Ако си го достигнал плачот, чувај го со сета сила. Пред да се усвои во потполност тој многу лесно се губи, и како што восокот се топи на пламен така и него лесно го упропастуваат немирот, телесните грижи и разузданоста, а посебно многуговорливоста и шегите.
Изворот на солзите после Крштението е поголем и од самото Крштение, макар овие зборови и да изгледаат дрски. Крштението нè чисти од гревовите што сме ги сториле пред да се крстиме, а солзите нè чистат од она што сме го извршиле по Крштението. Она сме го примиле како деца и сите сме го оскверниле. А со солзите го чистиме и самото Крштение. И да не им ги подареше човекољубието Божјо на луѓето солзите, тешко дека ќе можеше да се најде некој што се спасува.
Воздишките и тагите лелекаат пред Бога. Солзите што произлегуваат од стравот се застапуваат за нас. А оние што доаѓаат од пресветата љубов ни јавуваат дека нашата молитва е примена.
Ако на смирението ништо не му одговара толку колку плачот, тогаш без сомнение ништо не му е толку спротивно како смеата.
Чувај ја, внимателно чувај ја блажената радосна тага на светото умиление. И не престанувај да ја негуваш во себе додека не те подигне одовде и чист не те возведе пред Христа.
Не престанувај да си ја замислуваш и да ја испитуваш бездната на темниот оган ниту несострадалните слуги и нечувствителниот и неумоллив Судија, бескрајниот хаос на подземниот оган и страшното место под земјата, и слегувањето во тесните бездни, и воопшто сето тоа, за големиот страв да ја потисне похотливоста што се наоѓа во нашата душа, та душата да се соедини со непропадлива чистота и да го прими во себе сјајот на несоздадената светлина што блеска посилно од секој оган.
На молитва стој со трепет, како виновник пред судија, за и со надворешниот изглед и со внатрешната настроеност да го угасниш гневот на Судијата. Он нема да ја презре твојата душа, вдовица што пред Него стои во длабока тага и со своите молби Го заморува Оној Којшто не може да се замори.
За оној што стекнал душевни солзи секое место е згодно за плач. А ако плаче само со телесни солзи, никогаш нема да престане да прави разлика меѓу место и место. Како што скриената ризница многу помалку е изложена на опасност да биде ограбена отколку онаа што лежи насред плоштад, така треба да се разбере и погоре кажаното.
Не биди како оние што погребуваат мртовци, кои час плачат по нив, а час се опиваат заради нив. Биди како оние што се осудени да работат во рудници, а постојано се тепани од чуварите. Оној што понекогаш плаче, а понекогаш бие шеги и живее разуздано, личи на човек кој песот на сластољубието го удира со леб наместо со камен, зашто таквиот само наизглед го гони а всушност го привлекува кон себе. Биди загрижен длабоко во своето срце, не изразувајќи го тоа. Демоните се плашат од таквата загриженост како крадци од куче.
Не сме ние, драги мои, не, никако не сме повикани овде на свадба. Оној што нè повика ваму, навистина нè повика за да плачеме над себе.
Некои кога плачат без потреба се присилуваат себеси во тие блажени мигови да не мислат на ништо, не сфаќајќи дека да пролеваат солзи без никаква мисла им е својствено на неразумните, а не на разумните суштества. Солзата е покрај мислите. А татко на мислите е разумот, умот.
Твоето легнување в постела нека ти го долови полагањето во гробот, па помалку ќе спиеш. Седењето на столче нека те потсетува на ужасната трпеза на вечните црви, па помалку ќе уживаш во храната. И додека пиеш вода не заборавај на жедта во оној вечен оган, па секако ќе ја победиш својата природа.
Кога сме подложени на драгоценото понижување, малтретирање и казни, да ја замислиме страшната пресуда на вечниот Судија, па секако со кротост и трпение, како со двоостар меч, ќе ги отсечеме бесмислената тага и горчина коишто во нас се посеани.
Со време и морето пресушува, вели Јов (Јов 14, 11). Со текот на времето, и со помош на трпението, малку по малку слегуваат во нас и се восовршуваат во нас и сите спомнати добродетели.
Помислата на вечниот оган нека те следи во сонот секоја вечер и заедно со тебе нека се буди, па за време на општата молитва леноста никогаш нема да завладее со тебе.
На подвиг на плач да те побудува и самата облека твоја: сите што оплакуваат мртви се облекуваат во црно.
Ако не плачeш, плачи заради тоа. А ако плачeш, плачи уште посилно, затоа што самиот себеси со своите гревови се турна од таква висока положба во таква беда...