Лествица: За злопамтливоста
 
 
 
 
 

Лествица: За злопамтливоста (07.12.2009)

Сите добродетели личат на Јакововата лествица, а грешните страсти на оковите што спаднаа од Петар, врховниот апостол. Зашто Светите добродетели, поврзани една со друга, го вознесуваат на небото оној којшто на небото сака да доспее, а страстите, потиснувајќи се една со друга, сите заедно влечат во пропаст. Затоа и вели неразумниот гнев дека злопамтливоста е едно од неговите родени деца. Заради тоа, зашто еве овде ѝ е местото, и ќе зборуваме за неа.

            Злопамтливоста е последица на гневот, таа е чувар на гревовите, омраза кон праведноста, пропаст за добродетелите, отров за душата, црв на умот, посрамување на молитвата, пресекување на молењето, отуѓување на љубовта, трн забоден во душата, непријатно чувство во кое се ужива со горчлива наслада, грев којшто не престанува, вечно буден престап на законот Божји, трајна злоба. Оваа мрачна и одвратна страст, страста на злопамтливоста, е една од оние страсти што се последица на други, а коишто самите од своја страна не предизвикуваат (или можеби сепак предизвикуваат) ниедна друга страст. Затоа и немаме намера многу да зборуваме за неа.

            Оној што го совладал гневот ја уништил и злопамтливоста: додека е жив таткото се раѓаат и децата.

            На оној што стекнал љубов му станало туѓо да се гневи; а оној којшто во себе негува непријателски чувства, си задава себеси непотребни маки.

            Трпезата без воздржливост ѝ е мајка на дрскоста, и преку вратичето на љубовта се протнува стомакоугодието.

            Сум видел како омразата раскинува долготрајна врска на блуд, и како тогаш злопамтливоста не им допушта повторно да се здружат. Чудна работа: демонот изгонува демон! (А можеби тоа и не е дело на демонот, туку на Божјата Промисла?)

            На мошне далечната од цврстата и вистинска љубов злопамтливост лесно ѝ се приближува блудот, и тоа толку незабележливо, како што некогаш откриваме вошки кај гулабите.

            Ако веќе сакаш да бидеш злопамтлив, биди таков кон демоните. И ако сакаш да му бидеш некому непријател, биди му непријател на телото, и тоа во секој поглед. Телото е неблагодарен и неискрен пријател: што повеќе му се угодува толку повеќе зло ни нанесува.

            Злопамтливоста се претставува себеси како учител на Светото Писмо: зборовите на Светиот Дух ги толкува на свој начин. Нека ја посрами Исусовата молитва: неа не можеме да ја изговараме додека сме зопамтливи.

            Кога ни после големи подвизи не си во состојба докрај да го искорниш од срцето овој колец, извини му се на непријателот, макар само на зборови, за посрамен од своето долготрајно лицемерство пред него и мачен од совеста како со оган, да можеш совршено да го засакаш.

            Дека потполно си се избавил од оваа гнилеж ќе дознаеш не по тоа што си се помолил за оној што те навредил, ниту кога за злото ќе му вратиш со добро или ако го повикаш кај себе на трпеза, туку кога на веста дека претрпел некоја телесна или душевна незгода ќе заплачеш како за самиот себеси.

            Злопамтливиот тихувател е змија сокриена во својата дупка, полна со смртоносен отров.

            Сеќавањето на Исусовите страдања ја лечи злопамтливоста, која пред Неговата трпеливост се изложува на голем срам.

            Во дрвото што е однатре труло се создаваат црви. А во оние што се само привидно кротки и безмолвни се крие траен гнев.

            Оној што го изгонува гневот од себе, наоѓа прошка. А оној што се прилепува за него, се лишува од милосрдието Божјо. За да заслужат простување на гревовите, некои се предадоа себеси на напорни подвизи. Но човекот што не памти зло пред нив стигнува на целта: Простете за тоа малку што ви се должни луѓето и ќе ви се прости вашиот огромен долг пред Бога (Лука 6, 37).

            Незлопамтливоста е знак на вистинско покајание. А оној што во своето срце е злопамтлив и мисли дека се кае, личи на човек на когошто во сон му се причинува дека трча.

            Сум гледал злопамтливи што им советуваа на други да не памтат зло и коишто засрамени од сопствените зборови и самите се ослободија од страста.

            Никој нека не мисли дека оваа мрачна страст е безначајна. Таа често се вовлекува и во срцата на духовните луѓе.

 

Деветто скалило:

оној што го достигнал,

смело нека бара од Спасителот Исус

отпуштање на гревовите.