Свети Игнатиј Брјанчанинов: за Исусовата молитва
 
 
 
 
 

Свети Игнатиј Брјанчанинов: за Исусовата молитва (09.12.2009)

Особено со Новиот Завет се заповеда бдеење над срцето и негово очистување. Кон тоа се упатени сите заповеди Господови: Очисти ја чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор. Овде Господ луѓето ги нарекол садови од кршливо стакло и од безвредна глина. Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот. Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејствија, блудства, убиства, кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство. Сето тоа зло однатре излегува и го осквернува човекот. Свети Варсануфиј Велики вели: Ако внатрешното делување со Бога, т.е. осенето од Божествена благодат, не му помогне на човекот, тогаш тој залудно се подвизува со надворешен, телесен подвиг“. Свети Исаак Сирин го вели истото: „Оној што нема душевно делување, лишен е од духовни дарови.“ Во една друга беседа, овој голем наставник на христијанското подвижништво ги споредува телесните подвизи, без подвигот на очистување на умот, со бесплодни бедра и пресушени дојки. „Тие, вели светителот, не можат да му се приближат на умот Божји.“ 

Свети Исихиј Ерусалимски пак вели: „Оној кој нема молитва чиста од помисли, нема оружје за одбрана. Зборувам за молитвата што постојано дејствува во внатрешноста на душата, за молитвата во која со повикување на Христос се поразува и се спалува непријателот кој тајно војува. (...) Неможно е да се очисти срцето и да се изгонат од него непријателските духови без често повикување на Исус Христос. (...) Како што не е можно да се живее земскиот живот без јадење и пиење, така за душата е невозможно, без чување на умот и чистотата на срцето, од што и се состои трезнењето и она што се нарекува отрезнување, да достигне до било што духовно, или да се ослободи од мислениот грев, па макар некој и од страв пред вечните маки да се принудува да не греши... Ако пак сакаш да ги посрамиш помислите што те напаѓаат, да тихуваш молитвено во душевен мир, слободно да се отрезнуваш и да бдееш со срце, тогаш Исусовата молитва нека се соедини со твоето дишење и ќе видиш дека тоа ќе се изврши после малку денови. (...) Коработ не може да плови без вода и умот не може да се заштити без трезвеност, споена со смирение и со непрестајна Исусова молитва.”