Старец Паисиј Светогорец: Совети за спасението во денешниот свет (17.12.2009)
Нашата молитва треба да ја поделиме на три дела: еден дел да задржиме за себе, еден ќе биде наменет за нашите живи браќа, Црквата и за целиот свет, а еден дел за нашите упокоени браќа, кои не смееме да ги заборавиме.
„Човекот може многу едноставно да се спаси“, му рече старецот на еден посетител, кој беше судија. „Доволно е само да го посака тоа и да ја повика божествената помош. Сакајќи да го спаси оној, кој ја повикува Неговата помош, Бог без двоумење ќе Го испрати Својот Син или некој Светител, за да спаси макар и еден, единствен човек. Во тоа многу помага љубовта и добрата волја. Љубовта им е сосема туѓа на демоните, и заради тоа поборниците на ѓаволот, во еден миг се уништуваат еден со друг, бидејќи меѓу нив не постои љубов, која би ги соединила.“
„Старче, многу сум расеан во текот на молитвата.“
„Тоа ти се случува, бидејќи ти својот ум не го концентрираш на целта на молитвата, и му дозволуваш да скита таму-ваму. Ако се потрудиш да го собереш умот, да ја изговараш молитвата Христова и смирено да молиш за Божја помош, расеаноста ќе исчезне сама по себе.“
Читајте го Светото Писмо бидејќи тоа е боговдахновено и во себе Го има Светиот Дух. Оној што го чита, го просветлува умот и ја чисти душата. Вие направете сѐ што е во ваши раце, а сѐ друго со доверба предадете го во Божји раце.
Вистинското покајание се состои во тоа, човекот прво на совеста да го почувствува својот грев, да почувствува болка, да посака Бог да му прости и дури потоа да се исповеда. Само во тој случај ќе стигне Божјата утеха. Затоа секогаш препорачувам прво покајание, па потоа исповед. Само исповед, никогаш не препорачувам.
Старец Паисиј Светогорец