Старец Паисиј Светогорец: Тага поради нашите гревови
 
 
 
 
 

Старец Паисиј Светогорец: Тага поради нашите гревови (19.12.2009)

- Старче, како некој да си помогне да не го повтори истиот грев?

- Ако вистински го заболи неговиот грев, нема да го повтори. Во него треба да има смирение и вистинско покајание, за да се поправи. Затоа, авва Марко Подвижник вели: „Ако човекот не се растажи според мерката на својот грев, лесно повторно паѓа во истиот грев“. Значи, ако гревот е мал, потребно е помало покајание, ако е поголем гревот, потребно е и поголемо покајание. Ако некој не може да ја процени длабочината на својот пад и не се растажи „според мерката на својот грев“, тогаш лесно паѓа во ист, или дури и во поголем грев.

 

- Како да сфатиме дека не сме се растажиле „според мерката на гревот“?

- Потврда за тоа е ако повторно го направите истиот грев. Потоа, кога се испитувате себеси, не ја поставувајте само дијагнозата. Вие постојано вршите микробиолошки анализи, ја наоѓате бактеријата, ја набљудувате и велите: „Морам да ја убијам,“, но не почнувате со лекување (терапија). Во ред, се уверивте дека сте болни. Сега гледајте да ја исцелите болеста. Каква корист имате ако постојано правите анализи, а не се трудите да се поправите? Велите: „Ја имам оваа страст, ја имам онаа страст“, но не ја отсекувате и останувате лелекајќи над истата. Така си ја расипувате силата и трпите штета. Му нанесувате штета на разумот, на срцето. Се разболувате од тага и грижа, а не правите ништо. И пак, кога ви е добро, почнувате: „Зошто тогаш се разболев и како се разболев?“ Не велам, ќе испитувате, нема да дозволите гревовите да ви поминат незабележани, но, до кога деца, таа тага и грижа! Овде нема место за рамнодушност, но нема ниту за лелекање! Си сторила нешто што не било правилно? Си размислила за тоа? Си го согледала? Си се исповедала? Тогаш напред, оди понатаму, не заплеткувај се. Задржи го тоа само на ум, за друг пат да внимаваш, ако дојде до сличен повод. Тагата заради нашите гревови е без смисла, ако не се трудиме да ги исправиме. Тоа е како постојано да оплакуваме некој болен, а не му помагаме да оздравее.

 

Старец Паисиј Светогорец