Старец Паисиј Светогорец: Да ја осознаеме својата болест
 
 
 
 
 

Старец Паисиј Светогорец: Да ја осознаеме својата болест (21.12.2009)

- Старче, често ги гледам недостатоците на другите и ги осудувам.

- Си ја знаеш ли ти болеста?

- Не.

- Но, затоа ги знаеш болестите на другите. Ако ја знаеш својата болест, немаше да ги знаеш болестите на другите. Не велам дека не треба да сочувствуваш со болката на другите луѓе, но не треба да се занимаваш со нивните гревови. Ако човекот не се занимава со себеси, ѓаволот ќе му измисли работа да се занимава со другите. Меѓутоа, ако работи на себе, тогаш се спознава себеси, а го познава и другиот. Инаку, врз основа на погрешните заклучоци што ги извлекол за себеси, тој погрешно суди и за другите.

- Старче, што најмногу му помага на човекот да се поправи?

- Пред сѐ, волјата. Волјата, на извесен начин е добра појдовна точка. А потоа човекот треба да сфати дека е болен и да почне да применува соодветни лекови. Зашто, ако е болен, а ја крие својата болест, некогаш одненадеж ќе падне, а нема ни да го забележи тоа и ниту еден лекар повеќе нема да може да му помогне. На пример, некој знае дека е туберкулозен и затоа е многу слаб и нема волја за храна. Му велат: „Зошто не јадеш?“, а тој вели: „Не ми се допаѓа ова јадење!“ Потоа има грчеви и не може нормално да оди. „Зошто така одиш?“, го прашуваат. „Ми се допаѓа да одам бавно. Зошто? Да трчам ли како луд?“ Не кажува дека има грчеви и дека не може да оди. Потоа кашла: „Зошто кашлаш?“, пак го прашуваат. „Ех, од алергија.“ Не кажува дека има проблеми со белите дробови. Во меѓувреме почнува да плука крв. „Што е тоа?“, го прашуваат. „Ми се надразни грлото!“

- И сето тоа само затоа што не сака да каже дека има туберкулоза?

- Да, бидејќи ја крие. Ја крие, а потоа добива галопирачка туберкулоза. Му пропаѓаат белите дробови, садовите се полнат со крв, паѓа во кревет и најпосле неговата болест се открива, но тешко дека ќе може да му се помогне. Меѓутоа, ако признае дека симптомите што ги има се од туберкулоза и прими соодветна терапија, ќе оздрави во целост. Сакам да кажам дека и во духовниот живот, оној што ги оправдува своите страсти, на крај паѓа под влијание на демонот и не може да се скрие. Знаеш ли што значи човек да падне под влијание на демонот? Подивува, станува ѕвер, зборува бесрамно и лошо и од никого не прифаќа помош.

- Затоа, основно е човек прво да ги познае своите страсти и да се радува кога ќе ги познае. Од тој момент треба да прифати лекување, соодветни лекови и да чувствува благодарност кон исцелителот – својот духовник, или старецот – а не отпор и спротивставување. Еве, друг човек подготвено ја подава раката за да му дадат трансфузија. Го бодат со игла, го боли, но прифаќа, бидејќи тоа ќе му помогне. Колку ли само е мачна секоја операција! Но, човекот ја прифаќа за да му биде подобро.

- Старче, кога знам дека ќе ми помогне една строга забелешка, зошто тогаш не ја прифаќам со благодарност?

- Внимавај, можеш да не ја прифатиш со благодарност, но барем дали ти е јасно дека тоа не е во ред?

- Јасно ми е.

- Е, ако ти е јасно, и тоа е нешто. Болниот зема горчливо апче, но тоа му е помило од бонбона, зашто разбира дека ќе му користи. Ако не го прифати горчливиот лек, нема да биде исцелен. Секој треба да си ја осознае својата слабост, да прими лекови, за потоа Христос да му подари сила.