Старец Паисиј Светогорец: Оној што точно ќе се познае себеси, поседува смирение
 
 
 
 
 

Старец Паисиј Светогорец: Оној што точно ќе се познае себеси, поседува смирение (23.12.2009)

- Старче, гордоста вообичаено ја откривам подоцна, откако ќе паднам.

- Целта е да ја почувствуваш пред да паднеш. Кога некој ќе ти рече дека си сторила нешто добро, не треба да чувствуваш задоволство, за да не се фати, да не се залепи пофалбата за тебе.

 

- Што може да ми помогне во тоа?

- Може да ти помогне добро да се спознаеш себеси. Ако човекот се спознае себеси, тоа е сѐ. Потоа пофалбите се како туѓи тела, не се фаќаат на тебе. На пример, кога некој знае дека е сиромашен, за него не може да се закачи помислата дека е крал. А ти, ако мислиш дека си принцеза, тогаш не си сосема при себе.

 

- А, ако од порано сум подготвена да не ја прифаќам пофалбата, нема ли тоа да ми помогне?

- Така би требало да биде, но еднаш ќе бидеш подготвена, а друг пат не. Целта е да се спознаеш себеси. Ако човекот не го запознае стариот човек во себе, тој не се смирува и не може да дојде до духовно расцепување на атомите на неговото битие, за да излезе во духовна орбита, па тој останува во светската орбита.

 

- Старче, може ли да се случи погрешно да се спознаам себеси?

- Сега не зброруваме за заблуда. Оној што правилно ќе се спознае себеси, има смирение. А кога човек ќе се смири, сосема сигурно на него ќе се спушти Божјата благодат.

Оној што прави сѐ што е потребно за да се спознае себеси, личи на оној што копа длабоко за да пронајде руда во длабочината на земјата. Колку подлабоко копа во спознанието на себеси, толку пониско се гледа и се смирува, но Божјата рака постојано го вознесува. А кога веќе се спознал себеси, неговото смирение станува постојана состојба и  во него се населува Божјата благодат, а тогаш веќе нема опсаност од гордост. Од друга страна, оној што не копа во своите длабочини, постојано го прикрива своето ѓубре, расне во своите очи, и само за кратко ќе биде на тие висини, заедно со својата гордост, а потоа потонува.

 

Старец Паисиј Светогорец