Старец Клеопа: Молитвата е мајка и царица на сите добродетели
 
 
 
 
 

Старец Клеопа: Молитвата е мајка и царица на сите добродетели (25.12.2009)

Молитвата е мајка и царица на сите добродетели. Но, како е таа мајка на сите добродетели? Самиот апостол Павле вели: “И сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта; но најголема од сите овие е љубовта” (1. Кор. 13,13). Нели се вели така?

            Значи, ете очигледно е дека најголема дободетел не е молитвата, според Светите Отци, туку љубовта.  Но, зошто сепак Светите Отци велат дека молитвата е мајка на сите добродетели? – Затоа што таа ја донесува љубовта во нашата душа. Љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот не доаѓаат по друг пат во нашата душа, освен по патот на молитвата!

            Еве, на пример: ако си налутил некого или некој те налутил, и ќе почнеш да го спомнуваш на молитва, одеднаш гледаш, дека по некое време, изчезнува омразата помеѓу вас. Преку молитвата се сече раздорот и веднаш го добиваш него и го приведуваш кон помирување и соединување. Затоа вели Свети Максим: “Кога ќе видиш некого дека те мрази, или те онеправдува, било праведно, било неправедно, почни да го спомнуваш на молитва.” Но, да не спомнуваш да му се случи нешто лошо, бидејќи тогаш тоа ќе ти се врати на тебе. Да велиш вака: “Господи, Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот и мојот брат (тој и тој), бидејќи заради моите гревови тој ми се налутил. Бидејќи мојот брат е моето огледало и тој ја гледа мојата злоба.”

            Вака вели Св. Јован Лествичник: “Немој да го обвинуваш братот, кога се молиш за него, или да бараш казна за него”. Не е дозволено! Дури да ги имате некои за непријатели, Црквата знаете како се моли? Црквата се моли за непријателите да се вразумат, да им се простат гревовите, да бидат приведни кон познавањето на вистината, да станат кротки и да се вратат кон доброто.

            Така се моли Црквата. Никогаш Црквата не сака да направи лошо на никого. Бидејќи Господ сака сите луѓе да се спасат (1. Тим 2,4)... Ние, пак, кога имаме некој проблем, ни се чини дека тој и тој не мрази. Но, Црквата не! Таа не прави разлика. Таа се моли исто за сите, за да станат добри.

            Затоа, говорејќи за светата молитва, ви кажав дека таа се нарекува мајка на сите добродетели, бидејќи таа ја донесува во нашата душа најголемата добродетел: љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот.

Слушај што вели божествениот Oтец Максим Исповедник – кој беше “врв на теологијата” во 6 век: сите добродетели му помагаат на човекот да се здобие со љубов кон Бога, но ниту една како молитвата. Поради тоа молитвата се нарекува “мајка на сите добродетели”, бидејќи таа, ја достигнува најголемата добродетел, љубовта. Сите добродетели го доближуваат човекот до Бога, но молитвата го соединува. Тоа е како кога би направил врата од плоча, или шкаф, и гледаш дека се спојуваат даските како да се под мерка, но не се залепуваат додека не ставиш лепак. Но, кога веќе си ставил лепак, сите делови прават едно. Таква е и молитвата.

            Молитвата не само што го доближува човекот кон Бога, туку го прилепува за Бога и тој станува еден дух со Него. Тоа што вели големиот апостол Павле: Кој се сврзува со блудница едно тело е со неа...А кој се соединува со Господ еден Дух е со Него (1. Кор. 6, 16-17). Ова духовно спојување, да се соедини човекот со Бога, се остварува по патот на молитвата.