Свети Теофан Затворник: за чувањето на срцето
 
 
 
 
 

Свети Теофан Затворник: за чувањето на срцето (20.02.2010)

-   Вера, надеж и предаденост на Божјата волја – ете што треба да се чува во срцето.

-   Важно е срцето да се направи чисто. Тоа е нечисто од себељубие, во кое живеат и делуваат страстите.

-   Срцето држете го настрана од задоволствата на светот, кои го заведуваат и го опиваат.

-   Во срцето треба да се роди чувство кон Бога... некогаш страв, некогаш надеж, некогаш љубов, некогаш благодарност... Целото внимание треба да се задржи на тоа, па другите помисли ќе отпаднат сами од себе. А чувството кон Бога ја раѓа Божјата благодат.

-   Во пустината се учите неа да ја создадете во срцето... за да постојат само чист воздух и светло сонце, односно чисто срце и сеќавање на Бога.

-   Што треба да правите кога ќе се појават внатрешни раздвижувања кои ве вознемируваат? Веднаш со внимание спуштете се во срцето, престојувајте таму и одбивајте го злото со молитва кон Бога. Вие не сте виновни за нападите; но ако не ги одбиете, ако им се препуштите, тогаш тоа е ваша вина. Тогаш срцето станува нечисто и губи смелост пред Бога! Чувајте го срцето!

-   Без разлика дали живеете во пустина или во манастир, или се спасувате во светот – за секого важи законот, срцето да се чисти од страстите.

-   Штом од срцето излезе некој лоша желба, ти во истиот момент врзи ја со молитва која е вперена против неа. Сите свои желби и помисли врзи ги со Божјите зборови и ќе бидат како во окови. Токму во тие окови е слободата, или слободниот пат кон Царството Небесно.

-   Победата над страстите е доброволно духовно мачеништво кое невидливо се случува во срцето... Ова мачеништво треба да почне во оној момент кога во вашето срце ќе созрее одлучност да Му се посветите на Бога.

-   Најважниот подвиг е чувањето на срцето од движењата на умот и помислите. Треба да се набљудува срцето и од него да се отстранува сѐ што не чини.

-   Како човекот може да го очисти своето срце? Со труд во исполнување на заповедите, со молитва за помош, но и со сопствен труд, бидејќи без него нема да има помош. Потребни се и едното и другото зашто ни трудот нема да даде резултати ако не дојде помошта.

 

Свети Теофан Затворник