Промена на животот
 
 
 
 
 

Промена на животот (19.03.2010)

За човек да престане да прави некој грев, треба да се труди да избегнува сѐ што би можело да го предизвика да го направи тој грев. На пример, пијаницата, ако сака самиот да си помогне да не се опива повеќе, не смее ниту да помине покрај кафеана. За тоа е потребно малку труд и добра волја, и добриот Бог ќе ни помогне да ги надминеме сите тешкотии. Да кажеме, некој има некаква страст. Ја согледува, се бори да ја отсече, се кае, се смирува. Добрата волја што ја има за да ја отсече страста, за Бога претставува известување да му помогне. Но, ако не вложи труд за да се промени и продолжува да греши, како Бог да му подари Божја благодат? Божјата благодат не слегува додека човекот е во ситуација да греши, бидејќи тоа не му помага. Кога тоа би му помогнало, Бог би му ја испратил Божјата благодат и на ѓаволот.

Човекот кој не останува упорно при својот пад, со своите грешни мисли, туку се кае заради своите гревови и се бори да не греши повеќе, добива Божја благодат и помош. Меѓутоа, кога нема каење и кога гревот се смета за мода, тоа веќе е демонска состојба.

 

- Ако некој си го промени животот и не продолжува да живее со старите грешни навики, но понекогаш паѓа во некои од старите гревови, значи ли тоа дека во него нема покајание?

 

- Ако го вложува неопходниот напор и труд, а сепак падне, поблаго му се суди. Во почетокот не е лесно. Но, кога некој навистина ќе разбере колку било лошо тоа што го правел, не паѓа повторно.

Некогаш постоеше искрено покајание. Кога некој ќе се покаеше, не му се случуваше да се врати на старото. Се сеќавам колку ми помогна една жена со своето вистинско покајание. Целата беше во црно, како да е калуѓерка и се грижеше за една мала црква, ги палеше кандилата... Многу помагаше и само да ја видиш. А сега гледам дека некои, штом ќе го променат животот, почнуваат да изигруваат учители на другите, иако во нив сѐ уште постои стариот човек. Кога некој навистина ќе се покае, ќе престане да го живее блудниот живот што го живеел и ќе почне да води диховен живот, претставува поттик и помош за другите. Но, од онаа состојба во која се наоѓал веднаш да стане духовен човек и да проповеда, е тоа е прелест.

 

Старец Паисиј Светогорец