Совети за спасението на душата – Старец Паисиј Светогорец
 
 
 
 
 

Совети за спасението на душата – Старец Паисиј Светогорец (11.06.2010)

„Човекот може многу едноставно да се спаси“, му рече старецот на еден посетител, кој беше судија. „Доволно е само да го посака тоа и да ја повика божествената помош. Сакајќи да го спаси оној кој ја повикува Неговата помош, Бог без двоумење ќе Го испрати Својот Син или некој светител, за да спаси и еден, единствен човек. Во тоа многу помагаат љубовта и добрата волја. Љубовта им е сосема туѓа на демоните, и заради тоа поборниците на ѓаволот, во еден миг се уништуваат еден со друг, бидејќи меѓу нив не постои љубов, која би ги соединила.“

 

„Старче, многу сум расеан во текот на молитвата.“

„Тоа ти се случува бидејќи ти својот ум не го концентрираш на целта на молитвата, и му дозволуваш да скита таму-ваму. Ако се потрудиш да го собереш умот, да ја изговараш молтивата Христова и смирено да молиш за Божја помош, расеаноста ќе исчезне сама по себе.“

 

„Старче, често имам хулни помисли“, во една прилика рече Л. „Што ме советувате да сторам?“

„Не обрнувај внимание.“

„Старче, сатаната ми ги наметнува, и потоа ме присилува и јас грешам.“

„Не вели дека сатаната те присилува, зашто тој, за време на Второто доаѓање ќе рече: ‘Тој и тој христијанин ме клеветеше, велејќи дека сум го присилил да греши. Меѓутоа, јас не го присилував, туку тој сам, имајќи слободна волја, одлучи да направи грев!’ Тогаш навистина сатаната ќе биде во право, зашто Бог човекот го создаде слободен и никој не може да ја присили неговата слобода; како што Бог не ја присилува на добро – иако, како Создател, има право на тоа – така ниту ѓаволот не може да ја присили на зло! Човекот сам, според својата слободна волја, се приклонува кон Бог или кон сатаната. Затоа, не треба да го обвинуваме сатаната, туку својата злобна волја, бидејќи човекот по своја волја му се предава на сатаната.“

 

Старец Паисиј Светогорец