„Научете се од Мене на смирение и кроткост” (30.09.2010)
Ако светот ја знаеше силата на Христовото слово: “Научете се од Мене на смирение и кроткост”, тогаш целиот свет, целата вселена ќе ги оставеше сите други науки и ќе ја учеше само оваа небесна наука.
Луѓето не ја знаат силата на Христовото смирение. И заради тоа ги влече земното. Но човекот не може да ја познае силата на тоа слово Христово без Светиот Дух. А кој ја познал тој нема да ја остави таа наука, дури и да го збогатат со сите светски царства.
Господи, дај ми го Твоето смирение, да се всели во мене љубовта Твоја, и да живее во мене Твојот свет страв.
Тешко е да се живее без љубовта спрема Бога. На душата ѝ е темно и тесно. Но кога доаѓа љубовта, тогаш е невозможно да се опише радоста нејзина.
Мојата душа жеднее да го стекне Христовото смирение, и тагува по Него дење и ноќе, и понекогаш извикувам: Тагува душата моја по Тебе, Господи, и со солзи Те барам.
О Господи, колку Ти го љубиш созданието Твое, и душата невидливо ја гледа Твојата благодат, и во страв и во љубов благоговејно Тебе Ти благодари.
Мили мои браќа, со солзи ги пишувам овие редови.
Кога душата преку Светиот Дух Го познава Господа, тогаш секој миг непрестано се восхитува на милосрдието Божјо и на Неговата големина и сила. Но ако душата уште не го постигнала смирението, туку допрва треба да го стекне, тогаш во неа ќе постојат промени: одвреме навреме води борба со помислите и не наоѓа покој, а понекогаш се ослободува од помислите и Го созерцува Господа, и ја разбира Неговата љубов.
Заради тоа и говори Господ: “Научете се од Мене на смирение и кроткост, и ќе најдете покој за душите ваши.”
И ако некој не се научи на смирението, љубовта и незлобивоста, тогаш Господ нема да му даде да Го познае Него. А душата која Го познала Господа преку Светиот Дух е ранета од Неговата љубов, и не може да Го заборави. Но како што болниот секогаш се сеќава на својата болест, така и душата која Го љуби Господа, секогаш се сеќава на Него и на Неговата љубов спрема сиот човечки род.
Свети Силуан Атонски