Свети Макариј Велики
 
 
 
 
 

Свети Макариј Велики (18.11.2010)

Само оние што Го љубат само Единиот Бог и оние што се откажале од секаква светска љубов ќе бидат во состојба да го извршат подвигот докрај. Но сосем е мал бројот на луѓето што имаат таква љубов кон Бога, кои се откажале од сите светски желби и задоволства и кои можеле смело да ги поднесат сите искушенија и напади на лукавиот. Голем е бројот на оние што сакаат да се удостојат со Небесното Царство без напори и подвизи и без пролевање пот, што не е можно.

 

Затоа треба да Го возљубиме Господа и со сите сили да се трудиме да напредуваме во добродетелите, неуморно и непрестајно да се молиме во потполност и совршено да го примиме Неговиот Дух според ветувањето, за да се оживотворат нашите души уште додека сме на земјата, во телото. Зашто, ако душата уште во овој живот не Го прими Светиот Дух, заради нејзината вера и молитва, ако не стане причесник на Божествената природа, исполнувајќи се со благодатта на Светиот Дух, со чија помош непорочно и чисто ќе ја извршува секоја заповед, таа не може да биде погодна за Небесното Царство.

 

Божјата премудрост е безгранична и непоимлива за нашиот ум. Ние не можеме да сфатиме на какви сè разновидни начини му се раздава благодатта на човечкиот род, за да се провери слободната волја на секој човек, за да се пројават оние што Го љубат Бога со сето свое срце и кои се подготвени заради Него да преминат низ секаква опасност и да преземат секаков труд. Зашто некои, уште додека живеат во светот, без напори и истоштувања, штом пристапат со вера и со молитва, веднаш ги стекнуваат даровите и полнотата на Светиот Дух. Но Бог не ја дава благодатта без причина, не во невреме и не туку така, но според неискажливата и несфатлива мудрост, за да се испита довербата и самовласната волја на оние што брзо ја добиваат благодатта, т.е. дали ги чувствуваат добрината и милоста што им се укажани и сладоста Божја што им била возвестена без никакви нивни напори. Зашто, откако ќе се удостојат со овие дарови тие се должни да покажат ревност, неуморност, подвиг и плод на љубовта со својата волја и тежнеење, да возвратат за даровите, т.е. наполно да се предадат себеси на љубовта Божја, исполнувајќи ја само волјата Господова и совршено оддалечувајќи се од секоја телесна желба.

 

Кој сака да Му пристапи на Господа, да се удостои со вечниот живот, да постане живеалиште Христово, да се исполни со Светиот Дух, да дојде во состојба да ги принесува плодовите на Духот, чисто и беспрекорно да ги исполнува заповедите Христови – треба да почне со тоа што цврсто ќе поверува во Господа, наполно ќе им се предаде на заповедите Негови, во сѐ ќе се одрече од светот и умот нема да му биде зафатен со ништо од видливото. Таквиот треба непрестајно да пребива во молитва со вера и да Го очекува Господа, т.е. Неговата посета и помош, што треба да стане непрестајна цел за умот. Освен тоа, заради гревот кој живее во него, треба да се принудува себеси на секое добро дело, на исполнување на сите заповеди Господови. Така на пример, треба да се подвизува во смиреноумие пред секој човек, да се смета себеси за понизок и полош од секого, од никого да не бара чест, ни пофалба, ни слава, како што е напишано во Евангелието, туку секогаш пред очи да Го има единствено Господа и Неговите заповеди, Нему единствено сакајќи да Му угоди во кротоста на срцето, како што говори Господ: ‘Научете се од Мене, зашто сум кроток и смирен по срце и ќе најдете спокој за душите ваши’. (Мат. 11, 29).

 

Свети Макариј Велики