Свети Исак Сирин
 
 
 
 
 

Свети Исак Сирин (26.11.2010)

Не постои граница која би означувала дека покајанието е довршено, бидејќи дури и совршенството на совршените всушност е несовршено. Затоа, покајанието сè до смртта не може да биде ограничено ниту со време ниту со обемот на подвизи.

Кој во надеж на покајание ги повторува своите гревови, тој се однесува лукаво кон Бог; таквиот го снаоѓа ненадејна смрт.

Светот е блудница: тој со својата убавина ги привлекува оние кои се наклонети да љубат. Кој е условен од љубовта на светот, до крајот на животот не може да избега од неговите раце. Кога целосно ќе го разголи човекот, светот во денот на неговата смрт го изведува од неговиот дом (т.е. телото). Тогаш човекот сфаќа дека светот е лажен измамник.

Свет е телесниот живот и телесното мудрување. Свет е заеднички назив на сите страсти. Каде што страстите престануваат да делуваат, таму светот умрел.

Бог нема заради оставањето на псалмите да нè осуди во денот на Својот суд, ниту за оставање на молитвата, туку заради влегувањето на демонот во нас, до кое ќе дојде ако ги оставиме.

Оној кој сака да Го види Господа во себе, се труди да го очисти своето срце со постојано сеќавање на Бога: на тој начин, тој со просветлените очи на умот секој час ќе Го гледа Господа. Она што ѝ се случува на рибата кога ќе биде извадена од вода, тоа му се случува на умот кога ќе излезе од сеќавањето на Бога и блудничи по светските спомени... Страшен им е на демоните, а драг на Бога и на ангелите Негови, оној кој ноќе и дење со пламена ревност Го бара Бога во своето срце и го искоренува од него подникнатиот плевел на ѓаволот. Без постојана молитва, невозможно е да Му се приближиме на Бога.

Не е чист оној кој не го познава злото, туку оној кој против него постојано се бори.

Прими го мечот на духот, словото Божјо и носи го на своите усни, во својот ум и во срцето и вели без прекин: Господи Исусе Христе, помилуј ме!

Свети Исак Сирин