Свети Антониј Велики (04.02.2011)
Кога се молиш внимавај на мрзливоста, зашто молитвите на мрзливиот се празни зборови.
Не го криј од духовниот отец гревот што си го направил.
Кон сите биди пријателски расположен, но не прифаќај совет од секого.
Чувај се од лагата, зашто таа ќе го оддалечи од тебе стравот Божји.
Секој ден зборувај си во себе: ова е последниот ден кој ќе го проживеам во овој свет, и ќе се сочуваш себеси од гревови.
Засакај го смирението и тоа ќе ги покрие сите твои гревови.
И кога си правичен, ако некој те обвини за грев, тогаш смири се и ќе добиеш венец.
Никогаш не се гневи на никого, и на сите простувај им.
Немој да бидеш славољубив и не се фали во своето срце, велејќи: јас тоа и тоа го направив, јас имам таков и таков успех. Таквите помисли се суетни, и кој со нив се исполнил, станал престојувалиште на нечистите духови.
Не ја напуштај Божјата волја за да ја исполниш човечката.
Немој да бидеш лицемерен, ниту да криеш, а уште помалку да бидеш лажливец.
Не му завидувај на оној, кој се истакнува, бидејќи подобро е сите луѓе да ги сметаш за поголеми од себе, за со тебе да биде Самиот Бог.
Ако почнат да те фалат за твоите дела, ниту радувај се, ниту насладувај се на тоа, туку ако можеш криј ги своите дела.
Знај дека смирението не е ништо друго, туку да ги сметаш сите луѓе за подобри од себе. Секогаш имај на ум дека ти си крив за многу гревови.
Научи го својот јазик почесто да изговара „прости ми“, и ќе добиеш смирение.
Во сѐ биди скромен: во движењето на телото, во зборувањето, во однесувањето, во седењето, во станувањето, во својот дом, во сѐ, пред сите и пред секакви.
Не се плаши од човечки презир и од клевети. Секој кој сака побожно да живее ќе биде гонет, клеветен и презрен.
Свети Антониј Велики