Свети Климент Охридски (06.02.2011)
Браќа, ние сме должни да ги почитуваме Божјите празници, воздржувајќи се од секакво зло, избегнувајќи секаква нечистотија, угледувајќи се на Божјите угодници, читајќи ги нивните житија во светите книги и напојувајќи се со вера од сѐ срце. Со каква добродетел биле или со какви добри дела го нашле Царството небесно? И како го поминале овој преоден живот, кој многупати без да го спознаеме одиме од овој свет, или како нашето богатство стекнато со голем труд за еден ден ќе се одземе од нас? Помислувајќи на ова светите Божји угодници се предале на труд, на бдение, на секакво воздржување. За ова, браќа, и ние сме должни да се угледаме на нив и ревносно да бараме спасение; повеќе од сите празници да го почитуваме денот на Христовото воскресение, а тоа е светата недела. Затоа што од тој ден е првиот почеток на сето создадено видливо, на тој ден архангелот Гаврил Ѝ го благовести на Пресвета Богородица воплотувањето на Бога и на тој ден е воскреснат од мртвите нашиот Господ Бог, Кој го сруши пеколот и со Својата смрт ја победи вашата горчлива и зла престапна волја, па заради славата на Христовото воплотување и Неговото воскресение и почетокот на овој видлив свет, радувајќи се, да празнуваме на овој ден, украсувајќи ја Божјата Црква со духовни песни и насладувајќи го своето срце и душа со благогласно читање. И Самиот Господ Бог наш на тој ден му велеше на Мојсеј: шест дни нека работи слугата твој и твојата слугинка, твојот вол и твоето магаре, а на седмиот нека празнуваат и нека се собираат в црква на молитва. Оти таму примаме оздравување на душите и на телата, таму е страшната Тајна, таму гласот Божји ушите на срцето ги затвора и заради нас се создава нешто неискажано, таму се изгонува гревовниот мрак од нашите срца, таму Синот Божји е положен пред нас на страшна трпеза, како јагне безгрешно пролевајќи крв заради нас и нашето избавување од гревовите, сакајќи да нѐ направи наследници на Своето Царство. Затоа треба ние, браќа, со каење да се измиеме од секаква лошотија, па така да Му пристапиме, со солзи да ги измиеме знајните и незнајните гревови, со смиреност да го смириме срцето свое, како и Тој што се смири и беше воедно и Бог и човек, за да го спаси човекот од измамата на ѓаволот. И ни го покажа патот кон спасението, велејќи: Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството небесно; и тие што плачат, зашто ќе се утешат. Затоа што оние кои не плачат за своите гревови, без успех и неутешно ќе плачат во вечна мака. На таа благост, браќа, да се потрудиме и ние да се стремиме, градејќи ја Божјата Црква на Светиот Дух, без да си го помниме злото еден на друг, да цутиме со благоверие, греејќи со љубов кон бедните, украсени од братска љубов, со пламен дух, служејќи Му на Бога, пристапувајќи Му со страв и чистота, достојни да се јавиме пред Него, како што кажа и самиот: Ќе се вселам во нив и јас ќе им бидам Бог, а тие ќе ми бидат луѓе. Како ќе биде тоа? Во тој што ќе се всели Бог со присуството на Своето живототворно Тело, не ли е Тој почист од злато? Не се обновува ли чистотата секој ден како орел и високо излетува со умот? Откако ќе го разбереме ова, браќа, ќе се обновиме со чистота и со добрина и својот живот достоен ќе го направиме, а не само со збор да се нарекуваме христијани, туку во духовен подвиг да се поставиме и да се надминуваме еден со друг со добрина, па и нам да ни рече Господ наш: Пријдете, благословени, наследете го од Мојот Отец приготвеното за вас Царство од почетокот на векот. Па затоа Него да Го прославуваме отсега со добри дела, иако сме навикнале да живееме во слабост и мрзеливост до ден денешен, но уште од денеска да се помачиме за добри дела. Затоа што Царството небесно насила се зема и силните го грабаат заради Исуса Христа, нашиот Господ, Нему нека Му е слава, сега и секогаш и во сите векови.
Свети Климент Охридски