Свети Гргигориј Богослов
 
 
 
 
 

Свети Гргигориј Богослов (07.02.2011)

Помислувам на Божествениот Дух, втиснувајќи траги

Скриени убавини и секогаш кон светлината насочени,

Ги положувам во основата на животот Божјите заповеди,

За помошник, сопатник и водич Христа да Го имам,

Со лесни надежи одовде да се вознесам,

Да се здобијам со чист и бескраен живот,

И да видам не само слаби отсјаи на вистината,

Како во огледало и како во вода,

Туку, со чисти очи самата вистина да ја согледам,

Во која Троица е почеток и крај, едно Божество,

Една светлост во три исти Божји одблесоци.

 

 

 

 

 

Цару мој, Христе! Тебе прв со усниве ќе Ти се обратам,

Уште пред да земам воздух за зборот што долго го задржував,

- Непорочен дар на чиста жртва, ако може така да се рече -

Кон Тебе го излевам од својот ум ова слово.

Светлост на Отецот, Логос на големиот Ум, Кој секој збор го надминува,

Најголема Светлост на најголемата Светлост, Единороден Сине,

Икона на Бесмртниот Отец и печат на Беспочетниот,

Кој блескаш заедно со големиот Дух, добар Царе...

Управителу на светот, Дарителу на животот, Создателу

На сѐ, што е и ќе биде. Со Тебе сѐ живее...

Заради Тебе живеам, заради Тебе зборувам, заради Тебе сум словесна жртва...

Заради Тебе го воздржував јазикот, Заради Тебе го ослободувам зборот;

Но, се молам: направи и едното и другото да биде свето!

 

 

 

 

 

...Кон Тебе, Блажени, го насочувам својот поглед; Кон Тебе помош моја,

Седржителу, Нероден, Почеток и Отец на Почетокот –

Бесмртен Сину, голема Светлост, (еднаков на Отецот) големата Светлост –

Оној, Кој е од Едниот и во Едниот!...

Тебе Сине Божји, Премудрост, Царе, Слово, Вистино,

Лик на Прволикот, природо еднаква на Родителот,

Пастиру, Јагне и Жртво, Боже, Човеку и Архиереу!

Тебе, Духу, Кој си од Отецот, Светлост на нашиот Ум,

Кој доаѓаш чист и го правиш човекот бог!

Смилувај се над мене, сега и во следните години,

И таму кога ќе се соединам со сецелиот Бог,

Радосно да Те пофалам со непрекинато песнопеење.

 

 

Свети Григориј Богослов