Местото за подвиг е насекаде околу нас
 
 
 
 
 

Местото за подвиг е насекаде околу нас (08.02.2011)

      На грешникот ништо не му е покорисно од постојаното држење на гревовите пред своите очи, од што почесто покајничко расположение и преиспитување на себеси. Ништо не може толку да го смилува гневот Божји: ниту постите, ни бдеењата, ниту било што слично.

      За да бидеме љубени од Бога, мораме да ја развиваме душевната убавина, секојдневно измивајќи ја секоја нечистотија со читање на Светото Писмо, со молитвите, милосрдието и едномислието меѓу нас.

      Оној, кој сака да Му угодува на Бога, да пребива во добродетелта и чистoтата, насушно е потребно да не води мирен, пријатен и безгрижен живот, туку тежок живот, исполнет со многу трудови и подвизи.

      Зошто световната жал предизвикува смрт? Причината е во тоа што жалоста обично доведува или до сомнеж, или до погубно богохулство.

      Сакаш ли да бидеш ист со апостолите? Знај дека ништо не ти стои на патот: доволно ти е само да ја исполниш добродетелта на милосрдието и во ништо да не заостануваш зад нив.

      Без девственост може да се здогледа Царството небесно, а без милосрдие нема никакви можности за тоа.

      И живеејќи во градот може да се достигне мудрољубието на пустиножителите; и мажената жена и бремената жена може да се моли, да пости, да постигне умиление.

      Каква е вистинската полза од земните наслади? Денес тие се, а утре не се; денес преубав цвет, утре расеан прав; денес распален оган, утре оладен пепел.

      Тежнееш ли кон своето спасение? Немој тоа да го докажуваш со зборови, туку со делата свои. Затоа потруди се да го смениш својот живот, бидејќи неверникот ќе те праша: „Како да знам што заповедал Бог и што е дозволено да се прави? Бидејќи еве, ти си роден христијанин и човек воспитан во толку прекрасна вера, а ништо корисно не правиш.“ И што ќе речеш ти?  Нема сомнеж, ќе понудиш ваков одговор: „Ќе ти покажам други луѓе, кои според заповедите живеат: монаси, оние кои во пустините се подвизуваат и се свети.“ Но, зарем не ти е срам, сметајќи се за христијанин, да укажуваш на други, како да не можеш да докажеш дека и самиот правиш христијански дела? Неверникот во истиот миг ќе ти возврати: „Зошто морам да одам во високите гори и пустини? Ако не е можно во градовите мудрољубиво да се живее, тоа може да биде големо обвинение против христијанскиот живот, бидејќи за неговото остварување потребно е да се напуштат градовите и да се бега во пустините.“

      Сѐ прави заради покорување на Бога и како сѐ да преземаш поради Него. Ова е доволно да не допуштиш да те обземе каква било соблазна или во твојот живот да завладее неред.

      Во телото Бога Го прославува оној кој не се оддава на блуд, кој не се прејадува, не се грижи за надворешно украсување, кој за себе се грижи само толку колку што е неопходно заради здравјето, кој не прави прељуби. Истото го прави и жената која не става на себе секакви јаки мириси, не го украсува со бои лицето свое, која е задоволна со изгледот даруван од Бога и не му додава ништо неприродно.

 

            Свети Јован Златоуст