За ученикот когошто Христос го љубеше повеќе (09.02.2011)
Ако Бог сите ги љуби исто, зошто во Евангелието пишува, дека Христос го љубел едниот ученик повеќе од другиот?
Христос го љубел Јован повеќе од другите, бидејќи Јован Го љубел Христа повеќе од другите. Ќе ви дадам пример за да разберете: Сите одиме кон еден извор. Секој со свој сад – еден со чаша, друг со кофа, трет со канистер. Од изворот тече вода. Ако отидеш со една чаша, ќе наполниш една чаша, ако имаш кофа, ќе наполниш една кофа. Водата си е една и иста. Водата не е виновна што ти се земал само една чаша. Твојот сад собира толку. Бог сите ги љуби исто, но сите не Го љубат на еден и ист начин.
Христос јасно кажал во Евангелието: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14, 15), како и: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живелиште во него ќе направиме“ (Јован 14, 23). Тој ни ја дал таа заповеде, тој пат. Пазењето на заповедите значи чистење на срцето и вселување на Бога. Едноставно е, бидејќи полесно е да Го љубиме Бога, отколку луѓето. На почеток тоа изгледа парадоксално. Ги гледаме луѓето, разговараме со нив. А Бог, Кого не Го гледаме, како да Го возљубиме? Затоа Црквата не го прифаќа и го одрекува учењето дека Бог е идеја (замисла). Треба да си малоумен, за да љубиш една идеја. Односно човекот, којшто љуби една идеја, се верил за една идеја. Не може да има такво нешто. Зарем можам да се вљубам во идејата за Бога? Како е возможно? Треба да сум шизофреничар, за да го направам тоа. За да се вљубам во нешто, треба да го допрам, да ми биде во рацете. Така е со Бог. Бог суштевствува, постои, Тој е вистински Сеприсутен, а ние сме Негов образ. Ако ние сме образ и постоиме, Тој, Кој е Првообразот, не постои ли? Тој е личност и го повикува човекот за лична врска со Него. Затоа денес има голем проблем помеѓу христијаните: Христос не се восприема како личност и Бог се претворил во идеја, во доктрина, во морализам, во добри дела, во сѐ што можеш да си замислиш, само не во личност. Затоа и денес не ги разбираме некои од светителите, коишто правеле чудесни нешта. Но, откако биле вљубени. Оди некој и живее на столб цел живот. Како ќе си го објасниш тоа со разумот? Сакам да кажам дека светителите го правеле тоа, зашто Го љубеле Бога, Го чувствувале и Го доживувале како личност. Затоа Црквата не се занимава со други појави. Тоа е делото на Црквата – да ни Го дава Христос во рацете, не само духовно, туку и да Го јадеме и пиеме.
Христос вели: блажени се милостивите, зашто тие ќе отидат во рајот. Зарем е возможно човекот да биде милостив без да Го љуби Бога?
Сум видел многу скржави луѓе. Има села во кои луѓето се скржави и се гордеат со тоа. Тие имаат многу пари. Еднаш дојде еден таков човек, добар човек, воцрковен, тие сите се верници, но знаете ли што открив, дека одат во црква наемнички. И тој вели: „Имам 10 000 лири, ако дадам неколку илјади, ќе одам во рајот“. Со други зборови, за нив и рајот е прашање на зделка. И секогаш кога ќе му кажеш, давај милостина, бидејќи другиот човек има потреба, не се трогнува. Ако му кажеш давај милостина, за да ти се простат гревовите и да одиш во рајот, тогаш да видиш каква милостина прават. И навистина, но со тој став. Односно, врската со Бога станува бизнис врска. Дава, но и зема. Не може да даде, без да земе. Ти вели: „Видете господине, јас правам добри дела, сакам отплата, сакам да одам во рајот“. Како што кажуваше Старецот Пајсиј: има некои луѓе, коишто, ако да речеме, настапи Второто Пришествие, и на парадоксален начин рајот се наполни и не остане место за сите, а Бог им рече на некои: „Извинете, чеда, не излегоа сметките, не можат сите да отидат во рајот. Полно е!“, тогаш некои луѓе ќе започнат да се караат и да прават сцени: „Зошто претходно не нѐ предупреди и сега останавме надвор! Правевме толку многу нешта!“ Додека човекот кој е великодушен, ќе рече: „Добро, штом рајот е полн. Не ни пречи, ќе останеме надвор. Нека се радуваат тие, кои се внатре!“ Со други зборови, зависи каков си пред Бога. Совршенство е да ги чувствувам другите како себеси, како што вели Христос, да го возљубиш ближниот како себеси. Односно, другиот да ти биде твоето јас, да не биде повеќе друг...
Митрополит Лимасолски Атанасиј