Поуки за покајанието (10-02-2011)
Свети Ефрем Сирин
Градот засолниште за нас е покајанието, и не е далеку, секој од нас стои пред неговите порти. Тој ги пречекува грешниците. Нека биде благословен Себлагиот, Кој го создал тој град за наше искупување и спасение. Да се упатиме кон тој пријател на човештвото. Покајанието е ковчег на милосрдието, неговите врати се затворени за бесловесните, но отворени се за луѓето. Планината станала пристаниште за ковчегот, а за тебе покајанието нека стане пристаниште за чистото срце. Бог избрал три града за засолниште на новозаветните грешници: верата, надежта и сродната љубов. Без тие три добродетели нема покајание, невозможно е спасението.
Во страшниот и ужасен ден, Господи, ќе ни речеш на нас грешниците: „Вие луѓе добро знаете што Јас претрпев за вас... Вие што претрпевте за Mене?“ Што ќе одговорам на ова, јас непокајаниот, грешниот, лукавиот, осквернатиот? Тогаш мачениците ќе ги покажат раните од мачењето, отсечените делови од своите тела, трпението до крајот. Подвижниците ќе го покажат своето подвижништво, долгиот пост, бденијата, несреброљубието, солзите. А јас мрзливиот, грешниот, беззаконикот, што ќе покажам? Помилуј ме Господи! Помилуј ме Милостиви! Помилувај ме Човекољупче!
Ако ѓаволот те прелаже и паднеш во мал или голем грев, немој да очајуваш ниту да се осудуваш на погибел, туку прибегни кон исповед и покајание, и Бог нема да се одврати од тебе.
Ако се сопнеме и згрешиме, да се излечиме со солзи додека трае времето за покајание. Времето за покајание е кратко, а Царството Небесно нема крај.
Да се покаеме, конечно, и да Го смилостивиме Бог за нашите гревови.
Слава на Твојата волја, Господи! Таа постојано го очекува нашето покајание и го посакува нашето спасение.
Покај се пред смртта да ја затвори вратата на твојот живот и да ја отвори вратата на Судот!
Свети Исаак Сирин
Како благодат над благодатите, на луѓето после Крштението, дадено им е покајанието, бидејќи покајанието е второ раѓање од Бога. Покајанието е порта на милоста кој им се отвора на оние, кои упорно ја бараат: низ таа порта влегуваме во Божјата милост, ако не влеземе нема да добиеме милост, бидејќи, според зборовите на Светото Писмо, сите згрешија... Но ќе се оправдаат преку дар, со Божјата благодат... (Рим. 3, 23 – 24). Покајанието е втора благодат и се раѓа во срцето поради верата и стравот Божји.
Морето (светот) во кое се наоѓаме е загадено и во духовниот рај може да се отплови единствено со бродот на покајанието, на кој кормилар е стравот. Но, ако стравот не управува со бродот на покајанието, на кој, по морето одиме кон Бога, ќе се удавиме во смрдливото море. Покајанието е брод, а стравот е негов кормилар, додека љубовта е Божјото пристаниште. Така стравот нѐ води во бродот на покајанието, со кој пловиме по гнасното море на животот и нѐ упатува кон Божјото пристаниште, а тоа е љубовта. Во овој брод влегуваат сите кои се трудат и кои се кајат. А кога ќе ја достигнеме љубовта, тогаш сме Го достигнале и Бога, нашиот пат е завршен и дојдени сме на островот на тамошниот мир на кој се Отецот, Синот и Светиот Дух. Нему нека е слава и моќ! И нас со помош на стравот нека нѐ направи достојни за Неговата слава и љубов! Амин.
Подвигот на покајание никогаш не завршува: тој им прилега секогаш, на сите грешници и праведници, кои сакаат да добијат спасение.
Покајанието сѐ до смртта не може да биде ограничено ниту со време, ниту со количество на подвизи.
Покајанието е срце покајно и смирено.
Верувајте и надевајте се во покајанието, па „Божјото само по себе ќе дојде“ кај вас.