Свети Игнатиј Богоносец (11.02.2011)
Сите следете го Eпископот, како Исус Христос Отецот, и свештенството како апостолите, а ѓаконите како Божја заповед. Без Епископот никој нека не прави ништо што се однесува на Црквата. Литургијата е веродостојна ако ја служи Епископот или оној на кој тој му дозволил. Таму каде што ќе се појави Епископот, таму нека биде мнозинството луѓе (сите верни), како што таму каде што е Исус Христос, таму е и соборната Црква. Не е дозволено без Епископ ни да се крштева, ни агапи (вечера на љубовта) да се поставува, туку тоа што тој ќе одобри, тоа Му е и на Бога угодно – за сѐ што правите да ви биде сигурно и верно.
Во чест, значи, Негова (на Бог Отецот), Кој нѐ возљуби, ни доликува да го слушаме Епископот без никакво лицемерие, бидејќи во спротивно, оној, кој го мами видливиот Епископ, нека знае дека го лаже Оној, Невидливиот. Зашто во овој случај не станува збор за тело, туку за Господ, Кој сѐ гледа.
Бидете совршени, совршено мислете (Фил. 3, 15). Бидејќи кога сакате добро да направите, Бог е подготвен тоа и да ви го подари.
Јас не сакам на луѓето да им угодувате, туку на Бога.
Немој да зборувате за Исус Христос, а да го посакувате светот.
Потребно е, не само да се нарекувате христијани, туку и да бидете.
Умно е и понатаму да се отрезнувате, и додека сѐ уште има време, да се покаете пред Бога.
Поделбите избегнувајте ги како почеток на сите зла.
Христијанството е големо кога светот го мрази.
Значи, сите вие, прифаќајќи едно исто однесување, слично на Бога, почитувајте се еден со друг и никој од вас нека не го гледа ближниот само по тело, туку едни со други во Христа секаде љубете се. Меѓу вас нека нема ништо што може да ве раздели, туку соединете се со Епископот како образец на бесмртноста.
Ништо не ми користи од задоволствата на овој свет, ниту од царствата на овој век. Подобро ми е да умрам за Христа отколку да царувам над земните крaишта.
Добро е да зајдам од светот за Бога и во Него повторно да се родам.
Божја пченица сум,
И се мелам во забите на ѕверовите,
За да станам чист леб Христов.
Него Го барам – за нас Умрениот,
Него Го посакувам – за нас Распнатиот,
А штотуку ми престои раѓање.
Љубовта моја се распнува (Гал. 5, 24; 5, 14)
И нема во мене оган кој сака нешто материјално,
Туку во мене има жива вода која жубори (Јован 4, 10-14; 7, 38-39),
Која од внатре ми вели: Ајде кај Отецот! (Јован 14, 12).
Не уживам во храна пропадлива,
Ниту во задоволствата на овој живот.
Божји леб сакам,
Кој е Телото на Исус Христос,
Роден од семето Давидово (Јован 7, 42; Рим 1, 3);
И пиење сакам – Крвта Негова,
Која е љубов непропадлива.