За борбата помеѓу телото и духот која се случува во христијанинот
 
 
 
 
 

За борбата помеѓу телото и духот која се случува во христијанинот (14.02.2011)

Живејте по духот, и желбите на телото ваше

нема да ги извршувате.

Зашто телото сака спротивни работи на духот,

а духот спротивни на телото; тие се еден против друг,

за да не го правите она, што сакате

(Гал. 5, 16-17)

 

Секој христијанин има двојно раѓање, старо – телесно и ново – духовно, како што е кажано горе, и едното е против другото. Телесното раѓање е од тело; духовното е од Светиот Дух. „Роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е“ (Јован 3, 6).

Но, бидејќи овие две раѓања се спротивставени едно на друго, од тоа настанува судир и борба помеѓу телото и духот на христијаните. „Зашто телото сака против духот, а духот против телото“.

Телото сака да го умртви духот, а духот телото. Телото сака да биде гордо, да се фали, перчи, а духот не го сака ова, туку сака да биде смирен. Телото сака да се гневи, раздразливо е, се задева, сака да се одмаздува со зборови и дела, но духот не го сака ова, туку сака  кротко да простува. Телото сака да прави прељуба и блуд, но духот се одвраќа од ова и сака да биде чист. Телото сака да поседува нешто што е туѓо, да краде, да одзема на секој начин, а духот бега и од ова и сака да го даде она што го има. Телотo сака да ласка, лаже, мами и да биде лицемерно, а духот го мрази ова и сака да делува и да биде искрено. Телото сака да мрази друга личност, а духот сака да љуби. Телото сака да живее во безделништво, но духот се оттргнува од тоа и сака да се вежба во блажени подвизи. Телото сака да се забавува, да пие, да оди на вечери и забави, а духот сака да живее скромно, умерено и да пости. Телото бара слава, почести, богатства во овој свет, но духот го презира сето тоа и се стреми само кон добри небесни работи.  Така телото се стреми против духот и духот против телото.

Но христијанинот, како човек кој е обновен, мора да живее не како телото, туку според духот, да го потчини телото на духот, според советот на Апостолот: „Живејте по духот, и желбите на телото ваше нема да ги извршувате“. Ова е она: „го распнаа телото свое со своите страсти и похоти“ (Гал. 5, 24), „грижата за телото не претворајте ја во похоти“ (Рим. 13, 14), „да се пазите од телесните желби, што војуваат против душата“ (1. Петар 2, 11), „така и ние да одиме во обновен живот“ (Рим. 6, 4), да не дозволиме гревот да владее со нас, да живееме за Христос, Кој умре за нас и воскресна од мртвите.

Мили христијани! Да размислиме: дали учествуваме во таква борба, дали сме во оваа борба за спасение, дали чекориме во нов живот, дали се спротивставуваме на желбите на телото, дали дозволуваме гревот да завладее и господари со нас? Но, Христови се само оние, кои  „го распнаа телото свое со своите страсти и похоти“ (Гал. 5, 24).

Каква корист има човекот да се нарекува христијанин, а вистински да не е тоа?  Името не е тоа, кое го покажува вистинскиот христијанин, туку борбата против телото и против секој грев. Човекот не треба да му дозволува на телото сѐ што тоа посакува: храна, пијалок, облека, одмор итн. Тоа што му е потребно ние ќе му го дадеме, но кога посакува нешто што е спротивно на Божјата волја и на Неговиот закон, нема да го дозволиме, за така да можеме да бидеме христијани не само по име, туку вистински.

Амин.

 

 

Свети Тихон Задонски