Сретение Господово
 
 
 
 
 

Сретение Господово (15.02.2011)

Пред доаѓањето Христово сите сме го имале она што постоело од Прародителот – проклетство и општа и иста осуда која сите ја добивале од Прародителот, предавана од коренот на родот и наследувана заедно со (човечката) природа. Секој за она, што лично направил, добивал осуда или пофалба од Бога, но никој не можел ништо против она општо проклетство и осуда, тој залог на наследството кое од почетокот му било предадено и кое тој го пренесувал на своите потомци.

Меѓутоа, дојде Христос, Ослободувачот на природата, Кој општото проклетство го претвори во општ благослов, примајќи ја од Пречиста Дева нашата праведно осудена природа, за во Самиот Себе да ја покаже во нов лик и непричесното старо семе како невино и оправдано, па така оние, кои потоа се од Него во Духот родени да останат надвор од тоа прародителско проклетство и осуда. Значи, зарем постои нешто што не би му дозволило на секој човек да учествува во Неговата благодат? Има ли некој кој од Него не добил простување за своите престапи? Не, такво нешто не може да биде, бидејќи Тој од нас не ја прими само нашата ипостас (нашиот лик, нашето лице), туку (целата) наша природа, која ја обнови, соединувајќи се со неа во Својата Ипостас. Сакајќи сите да се спасат, Тој навистина ги „сви“ небесата, се симна (на земјата) заради сите, низ дела и зборови и страдање го покажа целиот пат на спасението и се искачи на небесата, повикувајќи ги таму оние кои поверуваа во Него. Тој не само природата, која по нераскинливото соединување ја прифати од нас, туку и на секој кој верува во Него му подари потполно искупување, кое го направи и не престанува да го прави, помирувајќи нѐ со Отецот преку Самиот Себе, враќајќи нѐ сите нас со (сопствената) послушност и исцелувајќи ја нашата непослушност.

* * *

И кога се навршија деновите на нејзиното очиствање, според законот на Мојсеја, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господа (Лука 2, 22). За што се зборува тука? Законот кажува дека се должни да се исчистат како новородените, така и оние кои ги родиле во брачна заедница. Затоа псалмопејачот вели: Во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мојата мајка (Пс. 50, 7). Бидејќи тука не се работи за родители, туку за Една Која роди, и бидејќи Таа е Дева, затоа што се работи за раѓање на Детето Кое е бессемено зачнато, тогаш тука, се разбира, немало потреба за чистење, туку сето тоа претставувало дело на послушност кое ја менува непослушната природа, дело кое ја исправа вината на непослушност.

* * *

Бидејќи бил навистина праведен и имал страв од Бога, Симеон бил дело на Светот Дух и тогаш, од Него поттикнат, дошол во храмот, им излегол во пресрет и Го примил во своите прегратки Тој Небесен и воедно Земен Младенец, принесувајќи Му, како на Бог, химна и молитва, молејќи во мир да се раздели од своето тело, објавувајќи и тврдејќи им на сите дека Тој (Младенецот) е Спасоносна Светлост, Која ќе ги отфрли неверниците, а ќе ги подигне оние, кои веруваат во Него.

Потоа и на Дева, Мајката на Младенецот, Ѝ ја претскажал болката која ќе ја почувствува покрај Крстот на Синот и која ќе покаже дека Таа по пророда е Мајка на Богочовекот, како и дека колебливите помисли кои ќе се појават, ќе бидат избришани од срцето. Симеон, значи, прекрасно докажал дека маката која ќе Ѝ ја донесат страдањата на Синот и длабоката тага и состраданието со Него ќе покажат дека Таа е вистинската Мајка на овој чудесен Син.

Пророчицата Ана, ќерката Фануилова, вдовица од осудесет и четири години, ревносна во постот и молитвите, која никогаш не си одела од храмот, тогаш била посебно обземена од Духот, Му заблагодарила на Бога и објавила дека дошло избавувањето на сите кои Го чекале, укажувајќи на Младенецот.

Такви совесни грлици пратил Светиот Дух поради Христос Кој влегол во храмот и ни покажал какви треба да бидат оние, кои во себе Го примаат Христос. Освен тоа, ни покажал какви треба да бидат жените кои, губејќи го мажот, остануваат без средства за живот, како и мажите кои ги изгубиле своите сопруги. Ана, ќерката Фануилова, била вдовица, но и пророчица. Зошто? Затоа што ги оставила световните и животните грижи и не си одела од храмот, затоа што живеела непорочно, поминувајќи го и денот и ноќта во пост и бдеења, во молитви и псалмопеење. Природно е што Го препознала Господ, на Кој му служела со своите дела, тогаш кога Тој дошол (во храмот), како што и пселмопејачот-пророк Му вели: На патот непорочен ќе пејам и ќе разберам: кога ќе дојдеш кај мене (Пс. 100, 2).

Свети Григориј Палама