Благодатта се одржува со покајание и благодарење на Бога
 
 
 
 
 

Благодатта се одржува со покајание и благодарење на Бога (17.02.2011)

О! Благодат, благодат! Дојди кај нас, дојди брзо, дојди. Колку се менува човекот и каков маченик станува кога ќе го покрие Божјата благодат! Божјата благодат им дала на мачениците не само да ги чуствуваат болките, туку и да се радуваат бидејќи страдаат за Христос. „Заради Тебе умираме секој ден, нѐ сметаат како овци за колење“ (Псал. 43, 22). Едно е да чувствуваш, а друго да читаш или да зборуваш за Божјата благодат.

Мотовилов, чедо на свети Серафим Саровски, не можел да го види лицето на светителот од силното светење на Божјата благодат. Затоа синовите на Израилот не можеле да го гледаат лицето на пророкот Мојсеј кога се симнал од Синајската гора држејќи ги двете Богоиздлабени камени плочи на Законот и морал да го покрие.

* * *

Такво нешто не предизвикуваш самиот, тоа ти доаѓа само по себе. Едно е тоа да го проучуваш, и да пишуваш за тоа, а друго е кога ќе дојде само од себе. Направив метании. Доаѓа помисла: „Таму каде што ги направи метаниите, таму се Христовите нозе“. Паѓам и го бакнувам подножјето каде што газел Христос, ја бакнувам и прегрнувам земјата каде што одел Христос. Само од себе доаѓа. Не го предизвикуваш ти, само по себе доаѓа. Тоа е благодат, брату мој.

* * *

Благодатта се предава по пат на молитва, или, и од далеку се предава благодат. И ако ми дојде убава молитва, велам: Старецот се моли за мене. Така чувствувам.

* * *

Благодатта доаѓа на овој начин: кога заспав, видов пред себе шестокрил или многуок, не знам. Така, и го бакнав. Кога тоа му го кажав на Старецот, ми рече: „Не чедо мое, тоа не бил многуок или шестокрил горе на небото. Благодатта доаѓа на тој начин.“

* * *

Кога доаѓа благодатта забораваш на тагата и страдањето, сѐ едно ти е. Кога доаѓа тагата, ја забораваш благодатта и велиш: Бог ме оставил, јас сум за во пеколот. Кога ќе се вратиш на првото, забораваш на второто. Тоа го вежба човекот во смирение. „Не јас, туку Божјата благодат која е со мене“ (1 Кор. 15, 10).

* * *

Многу пати сум бил во црква, во олтар. Бог е таму. Те известува, да речеме. Кога служеше Старецот, јас не служев, или тој или јас. Цела црква беше нурната во блажина, во мед. Старецот служеше, а јас ја чувствував благодатта.

* * *

Сонував како сум отишол во селото каде што сум роден. И не отидов во својата родна куќа, туку во црквата. Влегов во црквата, во олтарот. Таму го видов садот за крштевање во кој сум крстен, таму каде што дошла благодатта. Клекнав, го бакнував, бакнував и бакнував со многу солзи.

* * *

Благодатта се одржува со покајание и благодарење на Бога. „И не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници“ (Лука 15, 19). Навистина, тажно е, големото богатство кое сме го примиле на светото Крштение, значи восиновувањето, и тоа го имаме, според Апостолот (2 Кор. 4, 7) во земјени садови - да го негираме и заради тоа лесно стануваме мрзеливи, лесно стануваме незаинтересирани, лесно презираме, со еден збор, лесно паѓаме. Блажен е оној, кој ја примил благодатта и умрел со неа. Уште повеќе блажен е оној, кој живеел, ја зголемил и после тоа заминал.

Старец Ефрем Катунакијски