Чувајте ја Божјата благодат (18.02.2011)
Чувајте ја Божјата благодат. Со неа многу лесно се живее. Сѐ оди на добро по Бога, сѐ е мило и радосно. Душата е спокојна во Бога и ѝ се чини како да е во некоја прекрасна градина заедно со Господ и Божјата Мајка. Без благодатта човекот е грешна земја додека со Божјата благодат умот му е сличен на ангелите. Ангелите со умот Му служат на Бога и Го љубат. Затоа и човекот со умот е како ангел.
Блажени се оние, кои ден и ноќ не престануваат да се грижат како да Му угодат на Господа и како да станат достојни за Неговата љубов, бидејќи преку опит ќе ја почувствуваат благодатта на Светиот Дух.
Благодатта не може да дојде во душата, а да не се осети. Исто како, кога душата ќе ја изгуби, таа не престанува да тагува за неа и со солзи да ја бара. Колку само упорно родителите го бараат детето кое го изгубиле. Но, душата која Го љуби Бога, Го посакува со многу поголема тага и упорност, така што тогаш, не се ни сеќава на блиските луѓе.
Слава Му на Бога што ни дава да го препознаеме доаѓањето на благодатта и што нѐ учи да знаеме зошто таа доаѓа, а зошто си оди. Душата на оној, кој ги извршува сите заповеди непрестајно ќе чувствува благодат, па дури и да била сосема мала. Но, благодатта лесно се губи заради славољубието, дури и поради една горда мисла. Можеме многу да постиме и да се молиме, и многу добри дела да правиме, но ако при тоа се вознесуваме, сите наши добри дела ќе бидат празни, како барабанот кој многу вреви, а одвнатре е шуплив. Славољубието ја пустоши душата и треба да се биде многу искусен и треба многу борба за да се победи. Во манастирот нешто од опит, а нешто од Светото Писмо, спознав за штетноста на суетата. Затоа сега ден и ноќ молам од Господ Христово смирение. Ова е голема и непрестајна наука.
Нашата борба е тешка и бара многу мудрост. Меѓутоа, во исто време таа е и многу едноставна. Пред душата која ќе го засака смирението сите замки на нашите непријатели се срушени и целата нивна сила совладана. Во духовната борба треба многу да се внимава борбените залихи и плодови да бидат потполни, совршени. Залихи – тоа е нашето смирение, а плодови – Божјата благодат. Ако ги изгубиме, лошите духови ќе нѐ победат.
Оваа борба е трајна, но само за гордите. За смирените таа е лесна, бидејќи тие Го засакале Господ и Тој им го дава Своето непобедливо оружје – благодатта на Светот Дух. Од неа се плашат нашите непријатели, бидејќи таа ги согорува.
* * *
Еве го најкраткиот и најлесниот пат кон спасението: биди послушен, воздржувај се, не осудувај, чувај ги умот и срцето од лоши помисли и мисли дека сите луѓе се добри и дека Господ сите ги љуби. Поради тие смирени мисли благодатта на Светиот Дух нема да те напушти и ќе речеш: „Милостив е Господ“.
Ако осудуваш, ако ропташ, ако си самоволен, душата ќе ти запусти, иако многу се молиш на Бога. Тогаш ќе речеш: „Ме заборави Господ“. Но, не те заборавил Господ, туку ти си заборавил да бидеш смирен, и затоа Божјата благодат не живее во твојата душа. Во смирената душа благодатта лесно се вселува и ѝ дава мир и спокојство во Бога. Божјата Мајка била смирена повеќе од сите и затоа Ја слави небото и земјата. Бог ќе ги прослави оние, кои ќе се смират и тие ќе ја видат славата Господова.
Свети Силуан Атонски