Поука во неделата на блудниот син
 
 
 
 
 

Поука во неделата на блудниот син (20.02.2011)

Браќа и отци! Овие денови многу луѓе ги нарекуваат празнични и весели, за повеќе да јадат и пијат, а не знаат дека тие не се востановени заради прејадувања и опивања, туку заради подготовка за Светата Четириесетница, која доаѓа. На војниците кога се подготвуваат за бој им се издава наредба на соодветен начин да се наоружаат, за кога ќе дојде време за борба да нема тешкотии и задржуавања. Така и овие денови не се за гозба, туку за подготовка на душата за подвиг во Големиот Пост.

Многу јадење и пиење практикуваат многубожците, а вистинските христијани треба да јадат и пијат умерено и колку што треба, со благодарење на Бога, и да не прават бог од стомакот, угодувајќи му и презаситувајќи го, како што тоа многу го прават. И Апостолот нè учи: грижата за телото не претворајте ја во похоти (Рим. 13, 14). И ние, браќа мои, бидејќи Бог нѐ удостои да се оддалечиме и одречеме од сите зла и метежи, колку што е тоа можно, ќе се воздржуваме од многу јадење и пиење, зашто сите ние со сигурност знаеме дека невоздржанието од употреба на храна, вино и долгото спиење е причина за секаков грев. Бидејќи и нашиот прародител Адам, додека се воздржувал и додека не го вкусил забранетиот плод, радувајќи се живеел во убавините на Рајот, а штом ја прекршил Божјата заповед и го вкусил плодот, во истиот миг бил исфрлен од Рајот. Невоздржанието и лошата желба ја родиле смртта за него. Тоа истото се случило и со петте Содомски градови, кои без мера се предавале на неконтролирано прејадување и пијанство, живееле блудно и правеле гревови, па затоа од Бога биле предадени на голема и тешка казна и во овој и во тој свет, бидејќи на нив паднал огнен дожд и ги спржил. Пострадал и Исав, првиот син на патријархот Исаак, кој заради тоа што му угодувал на гркланот и премногу јадел, го предал своето првородство на својот брат Јаков, бидејќи од него измолил и од него јадел подготвена храна, заради што Бог го отфрлил. Така и Божјиот народ: и испоседна народот, та јадеа и пиеја, а потоа станаа да играат (2. Мој. 32, 6) и лумпуваа во безредието. Истото ова, браќа, и сега го гледаме – пијанство, демонско ликување, викање, танци и сатанско блудствување – такво е злото, браќа мои, невоздржување, и од тоа, како што рековме, влегла смртта во светот.

Ние, христијаните, мораме со големо благодарење да Му возвраќаме на Бога, Кој не дозволи да застанеме на лажниот пат и Кој нѐ доведе до блажениот живот, каде наместо невоздржание владее умереност, наместо пијанство – пост, наместо безредие – мир, наместо бунтовност и врева – тихување и испосништво, наместо празнословие и срамословие – благодарење, наместо блуд – девственост, целомудреност и осветување. Со такво живеење во добродетелите биле воспитани и засветиле нашите Божји Отци и подвижници, кои со Божја помош ги победиле плотските страсти, истерувале демони, правеле чуда, добиле слава и Царство небесно и станале прекрасни и славни во целиот свет.

И ние недостојните да живееме по образот и житијата на овие светии, и да сакаме да ги следиме во нивните добродетели. Да се радуваме во Христа и еден во друг, бидејќи Господ од небесата ни пратил големи дарови, па така и ние, живеејќи духовно, ако бидеме достојни, секојдневно ќе имаме радост и вечен празник... А како што Тој и претходно ни помагаше, зошто не би нè сочувал и сега? Само да бидеме внимателни и будни, и Тој ќе ни даде сили, утеха и трпение во маките и искушенијата, кои ќе дојдат на нас по Божјо допуштање; и така ќе Му благодариме до крајот на нашиот живот и ќе добиеме Царство небесно, во Господ наш Исус Христос, Кому Му доликува слава и моќ со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин!

 

Свети Теодор Студит