За страстите и погубните пороци и што од што се раѓа
 
 
 
 
 

За страстите и погубните пороци и што од што се раѓа (24.02.2011)

Пред секој гревовен пад, демоните ги праќаат кај човекот следните страсти: голема заборавеност, суров грев, односно, нечовечка и ѕверска злоба, и заслепеност, како непроѕирна темнина. Тие три страсти му претходат на секој грев, бидејќи човекот претходно не сака да направи ниту еден грев, ако пред тоа не биде расположен за секакво зло или заборав, или гнев,  или заслепеност. Од нив произлегува духовната нечувствителност, односно, умот-окото-душата тогаш стануваат заробени од сите страсти.

 

Пред сѐ се раѓа маловерие.

 

Маловерието раѓа самољубие – почеток и крај, корен и родоначалник на секое зло. Тоа е бесмислена љубов кон телото, кога некој секогаш и во сите работи за себе одбира само корист. Тој зол корен на страстите се искоренува со љубов и милосрдие и одрекување од сопствената волја.

 

Самољубието го раѓа немилосрдието и среброљубието – ненаситна утроба, исто така, корен и причина за секое зло. Од овие две – самољубието и среброљубието, на секое место се случуваат несреќи и сурови злодела.

 

Како кај мирјаните, така и кај монасите, среброљубието раѓа гордост, заради која демоните отпаднале од светата слава и биле исфрлени од небесата.

 

Гордоста раѓа славољубие, со кое Адам паднал во прелест, посакувајќи да биде Бог, и со тоа предизвикал страдање и клетва за целиот човечки род.

 

Славољубието раѓа сластољубие, преку кое Адам паднал и бил протеран од Рајот.

 

Славољубието раѓа стомакоугодување и различни блудни дела.

 

Блудот раѓа гнев. Тој ја гаси срдечната топлина и е погубен за секоја добродетел.

 

Гневот го раѓа злопамтењето. Тоа е ладење на топлината на духот.

 

Злопамтењето раѓа темна и злобна хула над својот брат.

 

Хулењето раѓа неблаговремена тага, покрај рѓата, која го изгризува човекот.

 

Тагата раѓа безумно избрзување.

 

Избрзувањето раѓа суета, која им се спротивставува на добродетелите и заради која напорите остануваат без награда.

 

Суетата раѓа невоздржано многусловие, зборливост.

 

Зборливоста раѓа празнословие и душевна здодевност.

 

Душевната здодевност раѓа лош сон.

 

Ако некој ги победи овие страсти, ќе му се покорат и другите, како: стравот, ужасот, зависноста, омразата, лицемерието, ласкањето, роптањето, безбожништвото, лихварството, пристрасноста, љубовта кон предметите, малодушноста, умисленоста, човекоугодувањето, дрскоста, смејата, целосниот пад и погибел преку очајот, заради кој човекот се самоубива, без познание на Божјото човекољубие и милост, дека Тој дошол да ги спаси грешниците, и дека на земјата не постои грев, за кој нема простување.

Преку следните страсти: самољубие, среброљубие, гордост со суета, злопамтење, осудување, умисленост, доаѓа до очајание, кое е крај на сите страсти.

 

Ако некој не внимава на себе и не ги отфрла овие страсти, тој ќе ги уништи следните десет добродетели: верата, љубовта, постот, воздржувањето, бдението, молитвата, смирението со смиреномудрието, безмолвието со молчењето, нестекнувањето и расудувањето, и заедно ќе ги повреди сите останати добродетели.

 

Ако некој има една од оние главни страсти, таквиот човек никако нема да успее, и иако се подвизува против другите страсти, правејќи некоја добрина, па дури и ако пролее крв заради Христа; и молитвата на таквиот човек Му е непријатна на Бога.

 

Господ Бог да нѐ избави со Својата благодат од сите пороци и страсти до крајот на векот.

 

Амин!

 

 

Преподобен Паисиј Величковски