Светиот Дух до денес живее во Црквата (25.02.2011)
Во Црквата живее Божјиот Дух. Тоа не е сува и празна догматска претпоставка, чувана само заради потврда на минатото. Не, тоа е вистина, опитно доживеана од страна на секој кој е проникнат со црковното Писмо и црковниот живот. Благодатниот живот на Црквата всушност и не може да биде предмет на празно научно изучување; тој е достапен само за опитниот живот. За благодатниот живот кој вистински се чувствува, секогаш човековиот јазик може да се изразува магловито и нејасно. Црковниот живот го познава само оној, кој го поседува; нему не му се потребни докази за тој живот додека за човекот кој не го поседува, тој е речиси недокажлив. Затоа за членот на Црквата, задача на целокупниот негов живот мора да биде – постојано сѐ повеќе и повеќе да се соединува со живата Црква, а во тоа исто време и на другите да им проповеда токму за Црквата, не заменувајќи ја со празно и апстрактно учење. Овде не треба да се прават никакви отстапки. Нема христијанство, Го нема Христос, нема благодат, нема вистина, нема живот, нема спасение – ништо нема без Црквата и сѐ тоа има само во единствената Црква!
Премногу често зборуваат за недостаток на живот во Црквата, за „оживување“ на Црквата. Тешко ни е да ги сфатиме сите тие зборови и многу сме склони да ги признаеме, иако се бесмислени. Животот во Црквата никогаш не може да престане, бидејќи до крајот на векот во неа пребива Светиот Дух (Јован 14, 16). И животот постои во Црквата. Само невоцрковените луѓе не го примаат тој живот. Животот на Божјиот Дух е несфатлив за душевниот човек, тој живот дури и му се чини јуродив, бидејќи му е достапен само на духовниот човек. На нив, луѓето со душевен начин на размислување, ретко им се дава чувството на црковниот живот. Меѓутоа, и сега, луѓето со смирено срце и побожен живот, постојано живеат со тоа чувство на благодатниот црковен живот. Таа црковна атмосфера, тоа црковно дишење посебно го доживуваш во манастирите. Ете каде си убеден во силата и вистинитоста на Божјата благодат, која живее во Цркавата! Се восхитуваш и Му благодариш на Бога, кога гледаш дека црковниот живот вистински одново го раѓа човекот, и го прави „нова твар“. Тука се просветлува умот, се создаваат високи, чисти погледи, срцето омекнува со љубов и радост. Оние, кои отстапиле од Црквата, кои се гордеат со својата ученост, во суштина се неспоредливо пониски и погруби од неписмениот монах кој живее црковен живот.
Не, според наше мислење не треба да се зборува за недостаток на живот во Црквата кај нас, туку само за недостаток на црковна свест. Многумина живеат црковен живот, иако сосема јасно не го сфаќаат тоа. Но, дури ако и свесно живееме црковен живот, ние малку проповедаме за богатството на тој живот. Со оние, кои се надвор од Црквата, обично спориме за христијанските вистини, заборавајќи го црковниот живот. Учењето, теориите, догмата во нашите очи како да е надвор од црковниот живот. Ние понекогаш сме во состојба Црквата да ја замениме со христијанството, живот – со апстрактно учење.
Нашата несреќа е во тоа што ние самите малку ја цениме Црквата и големото богатство на црковниот живот. Не ја исповедаме смело својата вера во Црквата, јасно и недвосмислено. Верувајќи во Црквата, ние како постојано да се извинуваме заради тоа што сѐ уште веруваме во неа. Го читаме деветиот член на Симболот на верата без посебна радост, па дури и со вина. Црковниот човек сега често го соочуваат со воскликот на тургеневското тивкотворештво во проза: „Вие сѐ уште верувате? Вие сте потполно заостанат човек!“ И дали многумина имаат толкава храброст смело да исповедаат: „Да, верувам во една, света, соборна и апостолска Црква, припаѓам на светата православна Црква и затоа сум – најпрогресивниот човек, бидејќи само во Цркавата е можен тој нов живот, заради кој Синот Божји дојде на грешната земја; само во Цркавта е можно да се дојде до полна мера на Христовиот раст, па следува дека смо во Црквата е можен вистински напредок, вистинско спасение!“
Свештеномаченик Иларион Троицки