Спомен и пофално слово на нашиот преблажен отец и учител словенски Кирил Философ
 
 
 
 
 

Спомен и пофално слово на нашиот преблажен отец и учител словенски Кирил Философ (27.02.2011)

Еве, ни светна, христољупци, светлозрачниот спомен на нашиот преблажен отец Кирил, нов апостол и учител на сите земји, којшто огреа на земјата како сонце со вистинска вера и убавина, како сонце на трисушниот Бог, осветлувајќи го целиот свет.

Божјата премудрост си соѕида храм во неговото срце и на неговиот јазик, како на херувими, почиваше секогаш Светиот Дух разделувајќи дарови според верата, како што кажуваше и апостолот Павле, дека секому од нас му се дава благодат и како што кажува Христос:  Којшто ќе каже дека Mе љуби како Господ и Jас ќе го возљубам, ќе му се покажам Самиот и во него ќе си направам живеалиште, и тој ќе Mи биде син, а Jас ќе му бидам Татко.

Таква татковина барајќи, овој преблажен отец и учител наш ја остави целата убавина на овој живот, домот и богатството, татко и мајка, браќа и сестри. Од млади години беше чист како ангел, се оттргнуваше и ги избегнуваше житејските сладости и секогаш беше со псалми и пеење и со духовни поуки. Врвеше само по еден пат што води кон небесата. Затоа низ неговата уста се изли Божјата благодат, како што кажал премудриот Соломон: во устата на премудриот влегува вдахновение, тој носи закон и милост на јазикот, со него ги врзува злословните усти на еретиците.

Се појавија ереси во времето на Теофил иконоборецот, и се одржаа многу години, прогонувајќи ја светоста на иконите и соборувајќи ја. А при благоверниот цар Михаил направија правоверен собор насочен против еретиците и целата нивна злоба ја изгореа со духовна сила. Каде и да се чуеше некаква хула за Божjиот образ, како со крилја тој прелетуваше над сите земји и со јасни слова ги разрушуваше сите соблазни и упатуваше кон вистинска вера, исполнувајќи го оставениот завет на Павле. Ги прелета како орел сите страни од исток до запад и од север до југ, меѓу Козарите и Сарацените и заради светата вера се најде и на соборите. Како сонце грееше со трисветли зраци и секоја нивна заблуда ја отстрануваше. Во фулскиот народ ја победи безбожната измама и светна со вечната светлина.

На словенскиот народ, којшто беше во незнаење и гревовен мрак, по милоста и човекољубието на Господ наш Исус Христос, му стана пастир и учител. И им ги затна устите на волците, на тријазичните еретици, пророчки укажуваји на тревливиот јазик и упатувајќи ги сите со писмо кон спасение. И Господ Бог благоволи да почине неговото пречесно тело во Рим.

Неговиот труд и подвиг ги почитуваме и слични пофалби нема кому да упатиме, па иако отпосле светна, сепак надмина сѐ, како Деница, која иако се појавува последна, со својата светлина ги облева сите ѕвезди кои имаат сончева светлина. Така и преблажениот отец и учител на нашиот народ повеќе од сонце, со тројни зраци, сјаеше и просветли безброен народ којшто лежеше во мракот на незнаењето. Нема место што не е осветлено од неговите стапки и ниедна итрина не се сокрила од неговата блажена душа, оти на сите народи сокриените тајни во формите на зборовите им ги откри разумно толкувајќи, на едни со писмо, на други со поука. Божја благодат се изли низ неговата уста и затоа вечно го благослови Бог.

Затоа, која уста да ја искаже блажината на неговото учење, а кој јазик ќе може да ги каже неговите подвизи и трудот и добрината на неговиот живот. Оти таа уста, појасна од светлината, ја покажа Господ. Таа ги просветлува помрачените од лагата на гревот, тој јазик источи слатки и животворни зборови, тие пречесни усни расцутија со премудрост, неговите пречесни прсти станаа духовен орган и го украсија со златозрачни букви, со таа богогласна уста се напоија жедните за Божји разум, со неа мнозина се насладија со животворна храна. Со неа Господ збогати многу народи со Божја мисла, дури и го венча со од Бога ткаен венец многуплодниот словенски народ. Бидејќи кај него беше испратен овој апостол. И од неговата уста потече изворот на животворни зборови исполнувајќи ја нашата суша пресушена и преку неа се покажа како серафим којшто Го прославува Бога. Низ неа научивме за триделниот Бог претставен во едно Кој се разделува со именуваните својства и еднакво прославуван, на вечноприсутниот Отец и Светиот Дух.

Затоа, да биде блажена твојата уста, о блажен оче Кириле, од неа на мојата уста се источи духовна сладост.

Блажен го нaрекуваме твојот многугласен јазик од кој му огреа на мојот народ светлина на вечниот Бог. Ти го протера мракот на гревот.

Блажено е твоето пресветло лице озарено од Светиот Дух, од него на моето лице богоразумен блесок сјае и многубожечката измама се искорени.

Блажени да се твоите златозрачни очи кои го одзедоа неразумното слепило од моите очи и им огреа богоразумна светлина.

Блажени да се твоите ангеловидни зеници озарени од Божјата слава, тие ми го прогонија слепилото на срцето и го просветлија со од Бога вдахновени зборови.

Блажени да се твоите пречесни раце, од нив му се симна на мојот народ богоразумен облак и ги напои со Божја роса нашите срца изгорени од сушата на гневот.

Блажени да се твоите богодвижни прсти, тие му ја напишаа на мојот народ слободата од гревовното ропство.

Блажена да е твојата златозрачна утроба од која му источи на мојот народ животворна вода одозгора дојдена со твоите молитви.

Блажени да се твоите свети нозе со кои го обиколи како сонце целиот свет проповедајќи од Бога вдахновена наука.

Блажени да се твоите златозрачни стапки со кои ги упати нашите заблудени нозе на прав пат.

Блажена да е твојата пресвета душа што ја излекува мојава душа од струпјето на гревот и всади разум во нашите срца со духовни зборови.

Блажени да се твоите богодвижни прсти што ја напишаа за многумина сокриената богоразумна тајна.

Блажена да е твојата света утроба, од неа им потече на сите земји животворна вода слезена одозгора со твоите молитви.

Блажени да се твоите свети нозе со кои го обиколи сиот свет како сонце, просветлувајќи со вдахновеното од Бога учење.

Блажена да е твојата пречиста црква во која лежи твојот многуразумен богогласен органон.

Блажен да е градот којшто го прими третиот извршител на Божјата промисла. Извршувајќи го заветот на врховните светила, се јави ти, блажен станувајќи.

Затоа и со нив му подготви Господ Бог да прими пречесен покој. Почина со мир во летото Господово 6377 од создавањето на светот, во месец февруари во 14 ден и со животот и со верата им се придружи на сите свети Отци и делата и подвизите на сите извршувајќи ги и самиот. И со ангелите беше како ангел и со пророците пророк, со сите свети толкувач на Божјата слава.

Со нив моли се за нас, преподобен учителе, што го почитуваме твоето преславно успение со славата на Пресвета Троица, Отецот и Синот и Пресветиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

 

 

Свети Климент Охридски