Поуки од оптинските Старци за христијаните кои живеат во светот (28.02.2011)
Преподобен Лав
Труди се повеќе да внимаваш на себе, а не да ги разгледуваш делата, постапките и односот на другите кон тебе. Ако во нив не гледаш љубов, тоа е така, бидејќи и ти самиот немаш љубов во себе.
Каде што е смирението, таму е и едноставноста, која не ги испитува Божјите судови.
Бог не ги отфрла молитвите, но желбите понекогаш не ги исполнува единствено заради тоа, по Својата Божја промисла, сѐ да устрои колку што може подобро. Што би се случило, кога Тој, Кој сѐ гледа, потполно би ги исполнувал нашите желби? Мислам, иако не тврдам, дека тогаш сите луѓе би загинале.
Човекот кој живее без стража над самиот себе, никогаш нема да се удостои со посета на Божјата благодат.
Кога немате мир, треба да знаете дека во себе немате смирение. Тоа Господ го рекол во следните зборови кои покажуваат каде треба да се бара мирот. Тој рекол: „Научете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Мат. 11, 29).
Преподобен Мојсеј
Ако некогаш некому сте направиле некоја милост, за тоа ќе бидете помилувани.
Ако страдате со оние, кои страдаат (мислејќи дека тоа е малку), се вбројувате во мачениците.
Ако му простите на оној, кој ве навредил, не само што сите ваши гревови ви се простуваат, туку станувате Божји синови.
Ако од срце се помолиш за спасение, па дури и малку, ќе се спасиш.
Ако себеси се укориш, обвиниш и осудиш пред Бога за гревовите кои ти ги открива совеста, за тоа ќе бидеш оправдан.
Ако ги исповедаш своите гревови пред Бога, како награда ќе добиеш простување.
Ако зажалиш за своите гревови, или се расплачеш, или воздивнеш, таа твоја воздишка нема да биде скриена од Него. „Не останува скриена од Него, - вели свети Симеон – солзна капка, ниту дел од неа“.
Секојдневно проверувај: што си посејал за идниот век, пченица или трње? Испитувајќи, труди се следниот ден да бидеш подобар и така живеј цел живот. Ако денешниот ден лошо е поминат, така што не си ги вознел кон Бога молитвите како што треба, ниту си се покајал во срцето како што треба, ниту си се смирил во мислите, ниту си дал некому милостина, ниту си му простил на оној, кој нешто ти згрешил, ниту си претрпел неволја, туку напротив, не си се воздржал од гнев, ниту од зборови, храна, пијалок, или својот ум си го натажил со нечисти мисли, за сѐ ова според совеста размисли, осуди се и потруди се утре да бидеш повнимателен и претпазлив и да не правиш зло.
Преподобен Макариј
На вашето прашање во што се состои среќниот живот, дали во слава или богатство, или во тивок, мирен, семеен живот, ќе речам дека се сложувам со ова последното, и уште ќе додадам: животот, кој поминува со чиста совест и со смирение, донесува мир, спокој и вистинска среќа. А богатството, честа, славата и високата функција, често стануваат причина за многу гревови, и таквата среќа е безнадежна.
Луѓето најчесто сакаат и бараат благосостојба во овој живот, а се трудат да ги избегнат неволјите. И се мисли дека тоа е многу добро и пријатно, но денешната благосостојба и среќа му штети на човекот. Тој запаѓа во различни страсти и гревови и се гневи на Господа, а поминувајќи го животот во неволји повеќе се приближува кон Бога и лесно се здобива со спасение, и затоа Господ среќниот живот го нарекол широк пат: „широки се вратите и простран е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат по него“ (Мат. 7, 13), а животот со неволји го нарекол тесен: „тесни се вратите и тесен е патот што води кон вечниот живот, и малку го наоѓаат“ (Мат. 7, 14). Значи, преку љубовта кон нас, Господ размислувајќи во наша корист, многу луѓе трга од широкиот пат, и ги поставува на тесниот и трнлив пат, за со трпение во болести и неволји да го подготви нивното спасение и да им подари вечен живот.
Ние сме умно ограничени, мислејќи да ја подобриме нашата положба, тагуваме, суетни сме, си го одземаме мирот, ги оставаме нашите религиозни обврски за да им оставиме на нашите деца поголемо наследство. Но знаеме ли дали тоа ќе им биде корисно? Зарем не гледаме деца на кои им оставиле богатство, а тоа не им е од помош, туку само им послужило како причина за лошото однесување. Треба да се грижиме на децата, да им оставиме добар пример преку сопствениот живот и да ги воспитаме во страв од Бога и според Неговите заповеди. Тоа е нивното најважно богатство. Кога ќе го бараме Божјото Царство и Неговата праведност, тогаш сѐ останато ќе ни се додаде (Мат. 6, 33). Вие кажувате: не треба тоа да се прави, денешниот свет не го бара тоа, туку нешто друго! Добро, но дали вие родивте деца само за во светот, или за во идниот живот? Тешите се со Божјите зборови: „Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази“ (Јован 15, 18), и „телесното мудрување е непријателство против Бога; на законот Божји тоа не му се покорува, ниту, пак може“ (Рим 8, 7). Не посакувајте вашите деца да се здобијат со слава во овој свет, туку да бидат добри луѓе, покорни деца, а кога Бог ќе одреди – добри сопружници, нежни родители, грижливи кон потчинетите, да имаат љубов кон сите и да бидат снисходливи кон непријателите.
... Вие сакате да Му се приближите на Бога и да добиете спасение. Во тоа се содржи целата обврска на секој христијанин, која се остварува со исполнување на Божјите заповеди, кои сите се темелат на љубовта кон Бога и ближните, а се простира сѐ до љубов кон непријателите. Читајте го Евангелието, во него ќе го најдете патот, вистината и животот, чувајте ја православната вера и уставите на Светата Црква, поучувајте се од делата на пастирите и учителите на Црквата и усогласувајте го својот живот со нивните. Но, самите молитвени правила не можат да ни донесат корист... ве советувам што повеќе да посветувате внимание на делата на љубовта кон ближните: во односот кон сопругите и децата, внимавајте на нивното воспитување во православната вера и внимателно однесувајте се кон вашите потчинети, и кон сите ближни. Светиот апостол Павле набројувајќи ги разните видови на добродетели и подвизи за самоордекување, вели: „ако сето тоа го правам, а љубов немам, ништо не ми користи“.