За постот (07.03.2011)
Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот рај - да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1. Мој. 2,17). Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушност и воздржување.
"Постот е оружје во духовната борба против поднебесните сили" (лукавиот и неговите црни ангели) (Матеј 17, 21; Ефес. 6, 12), неопходно средство за стремеж на човекот кон духовно совршенство, надежна сила за давање отпор во духовната немоќ и благодатна ризница за постигнување на крајната и врвна цел на христијанскиот живот - светост и спасение во Господа.
Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаѓање и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото.
Кога христијанинот пости треба да се откаже од секакви светски веселби и задоволства, од посетување на места каде што е возможно да згреши со помисла, збор или со поглед. Воопшто, треба да се стремиме, колку е можно повеќе, поголем дел од мислите да Му ги посветиме на Бога и на тајната умносрдечна молитва.
Тоа што го одредила Црквата е царски и духовен пат кој води во вечен живот.
Оние кои сакаат да постат нека внимаваат да не се натоварат со поголемо бреме од она што Црквата го наредила, оти, ако паднат, нема кој да ги поткрене. Оние кои никако не постат, нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството небесно. Но, тие не можат веднаш да го земат целото правило, туку најнапред нека постат во среда и петок во првата и последната недела од постот, а потоа, со текот на времето, ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат целосното правило, па така по некое време и тие ќе постат уредно.
Во твојот духовен напор, лошите духови ќе станат силни и ќе те советуваат во разумот или преку ближните, сакајќи да ти наштетат, велејќи ти: "Сакаш да ослабиш, не можеш да издржиш, болен ти е стомакот, лекарот ти препорача добра храна", а сѐ со цел да ти ја убијат желбата. Но, ти, малку по малку, со молитва ќе го отстраниш лошиот дух и постот ќе ти стане лесен. Освен тоа, почетникот, најнапред, може да остави во посните дни да не јаде месо и маст, а да јаде сирење и јајца, па со текот на времето ќе мине на целосен пост.
Старец Гаврил Лесновски Светогорец