Свети Марко Подвижник: Поуки (18.03.2011)
Доказ за нелицемерна љубов е простувањето за навредите. Така Господ го засака светот.
Без умно повикување не постои совршена молитва. Господ го слуша умот кој нерасеано се моли.
Кога се сеќаваш на Бога, зголеми го бројот на своите молитви за Бог да се сети на тебе, кога ќе Го заборавиш.
Повикувај Го Бога да ги отвори очите на твоето срце и да ја видиш ползата од молитвите и читањето кое со искуство станува разбирливо.
Постојат многу начини на молитва кои меѓусебно се разликуваат. Ниеден начин не е штетен, освен ако се работи за сатанско дело, а не за молитва.
Не пробувај да решиш било каков проблем со помош на расправија, туку со средствата кои доаѓаат од духовниот закон, односно: трпение, молитва и непоколеблива надеж.
Секоја несакана душевна мака нека ти биде учител за сеќавање на Бога, па никогаш нема да ти недостига поттик за покајание.
Кој ги исполнува заповедите, нека очекува искушение, бидејќи љубовта кон Бога се проверува со спротивности.
Оној, кој разумно се моли ги поднесува неволјите кои доаѓаат. Оној, пак, што има злопамтење, не може чисто да се моли.
Како што е невозможно здружување на водата и огинот, така се спротивни самооправдувањето и смирението.
Подобро е побожно да се молиш за својот ближен отколку да го осудуваш за секој грев.
Оној, кој искрено се кае, го исмеваат неразумните. Меѓутоа, тоа е знак на неговата богоугодност.
Оној, кој мудрува и зборува без дела, се збогатува со неправда и неговиот труд, според Писмото, влегува во туѓа куќа.
Знаењето без добродетели е несигурно дури и да е вистинско, бидејќи, доказ за сѐ е делото.
Светото Писмо нѐ советува да Го запознаеме Бог со разумот за правилно да Му служиме со делата.
Смртен грев е оној за кој човекот не се кае. Дури и светител да се помоли за тој грев наместо него, нема да биде простен.
Кога умот ќе ја заборави целта на побожноста, видливата добродетел станува бескорисна.
Знаењето кај човекот е вистинско кога го потврдуваат кротоста, смирението и љубовта.
Добро е да им помогнеме на оние што прашуваат, но многу е подобро да им помогнеме со молитва и добродетел. Бидејќи, оној, кој со помош на нив себеси се принесува на Бога, си помага и самиот и на својот ближен.
Искушението надминувај го со трпение и молитва. Кој без нив се бори против искушението, само ќе го направи посилно.
Ако сакаш Господ да ги покрие твоите гревови, немој да им откриваш на луѓето дека имаш добродетели. Бидејќи, како што ние постапуваме со нашите добродетели, така Господ постапува со нашите гревови.
Во непосакуваните маки се крие Божјата милост која го води кон покајание оној, кој покажува трпение и го спасува од вечните маки.