За Старец Порфириј
 
 
 
 
 

За Старец Порфириј (30.05.2011)

Клитос Ј.: Даровите коишто Светиот Дух му ги даде на старецот Порфириј, а преку него и на целиот современ грчки свет, но и на вселенското православие, се безгранични. Вие, отец Јоаникиј, како монах на Света Гора исто така бевте меѓу оние што примија благослов Божји да го познаваат блажениот старец.

 

о. Јоаникиј: Старецот Порфириј беше еден современ старец на грчкото православие. Благодатен човек. Ги прими даровите на Светиот Дух уште многу рано.

Според она што самиот ми го кажа, двата темели коишто многу му помогнале во животот и му ја донеле оваа духовна благодат биле, како прво – да ги искористам неговите зборови – „радосното послушание што го имав кон моите старци“...

 

Клитос Ј.: Прекрасно именување на послушанието – радосно послушание...!

 

о. Јоаникиј: Да. Така самиот ми велеше и ми објаснуваше: На пример, ми велеа: ‘Никита’, (тоа беше неговото монашко име во Кавсокаливи на Света Гора) ‘тркни долу до мелницата да ја земеш вреќата со брашно’. И пред и да ја заврши старецот заповедта, јас веќе трчав кон мелницата да ја натоварам вреќата и со радосно послушание да се вратам.

Имено, ова радосно послушание беше првиот темел. А вториот беше непрестајната умствена молитва: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“. Умствената молитва ја

практикуваше постојано и непрекинато.

Кога поради болест, по благослов на старците, излезе од Света Гора и продолжи да оди по неговиот за сите познат животен пат, за на крајот да се смири во Милеси, во Малака, каде што и го изгради споменатиот манастир, еднаш од многуте пати кога го посетив таму ми рече: „Ме чуди и ме изненадува зошто сиот овој народ доаѓа кај мене? Јас не чувствувам дека кажувам нешто особено. Тоа што ме просветлува Бог во тој миг, тоа им го зборувам.Само овие зборови се доволни за да заклучиме колку големо смирение имаше блажениот старец. Немаше чувство дека претставува нешто важно. Затоа и пишува во своето последно писмо: Светот, пак, ме знае по добро и сите велат дека сум свет. Но јас чувствувам дека сум најгрешниот човек на светот.

Смирението, како што знаете, е вистинскиот критериум за навистина светиот човек.

 

Клитос Ј.: Што би сакале да ни пренесете, отец Јоаникиј, од своето искуство за дарот на проѕорливост што го имаше старецот Порфириј?

 

о. Јоаникиј: Ќе Ви кажам едно од оние што ги памтам. Го немав видено со години. Бев отишол во Македонија, каде што Бог ме удостои и мене, сиромавиот и бедниот, да положиме темели за светиот манастир на свети Григориј Палама, којшто потоа беше изграден.

 

Клитос Ј.: Во Куфалија, Солунско, каде што сте и духовник на тамошното братство на свети Григориј Палама...?

 

о. Јоаникиј: Таму. Имено, отидов да земам благослов од него, та и мојот збркан ум да

најде малку мир, утеха и надеж, зашто старецот Порфириј секогаш ѝ ги даваше на душата на посетителот. Бидејќи, како прво, тој го имаше најголемиот дар на љубовта, што се пројавуваше како утеха кон сите луѓе. Старецот Порфириј беше, би можеле да кажеме, утешител.

 

Клитос Ј.: Го кажавте вистинскиот збор, ... утешител!

 

о. Јоаникиј: Откако зедов благослов и позборувавме накратко, наеднаш ме погледна и ми рече, насмевнувајќи се: „А не ми кажуваш? Таму, од надвор, кај манастирот што го градите, што имаш ставено таму напред, пред да влеземе во манастирот?

„Што имам ставено, старче?“, го прашав.

Гледам, гледам, ми одговори. Што гледате, старче?“ – „Гледам голем крст“.

Навистина, на тоа место поставивме еден голем дрвен крст. Бев восхитен пред благодатта што ја имаше. Му ја зедов раката, му ја бакнав со почит, но и со радост, зашто стоев пред еден благодатен старец, но и затоа што и во сегашново време Црквата наша сѐ уште раѓа луѓе со толкава благодат, со такви дарови на Светиот Дух.

Имаше дар да гледа надалеку, места оддалечени со километри, коишто никогаш ниту ги посетил ниту читал за нив. По целата географска должина, ширина и длабочина, ... му се откриваше дури и постоењето или непостоењето на водени текови. Но го носеше и дарот на Светиот Дух со чудесна леснотија да проникнува и да ги открива неизмерливите длабочини на душата и нејзините тајни. За нас тоа беше нешто натприродно, но за него беше природно, како да гледа со своите телесни очи. Старецот Порфириј беше око на духот.

 

Клитос Ј.: На кои благодатни поуки на старецот Порфириј најмногу се сеќавате?

 

о. Јоаникиј: Тоа што го кажуваше беше – да Го возљубиме Христа колку што можеме повеќе. Кој Го љуби Христа, велеше, го избегнува гревот. Особено ја потенцираше љубовта кон Бога.

И со право. Зашто, како што знаете, некој може да живее внимателно и добродетелно за да ја одбегне казната. Тоа е првата категорија меѓу луѓето. Во втората категорија се оние што се обидуваат да не грешат за да примат награда од Бога, да го стекнат рајот. Третата и највисока категорија е таа на којашто поучуваше старецот: да живее човек добродетелно затоа што Го љуби Бога и не сака да Го нажали Него, Кој “прв нѐ возљуби“. Оваа љубов создава една рајска состојба во душата, таа е самиот почеток на рајот.

Старецот честопати потенцираше дека нему особено му помогнаа учењето, ревноста и тихувањето – сходно на она „испитајте и видете дека Јас сум Господ Бог“ – во најголема мера втемелено врз химнографските текстови на нашата Црква. Многу ги сакаше црковните химни. Сакаше да ги чита, да ги рецитира, да ги пее.

Химните, овие духовни ризници на нашето православие, на најдобар начин ни го толкуваат Светото Писмо, нашето Православно Предание, светоотечките текстови, догмите на Црквата и воопшто целата теологија.

Верувам дека старецот Порфириј во себе поседуваше и изразуваше една мистична теологија, втемелена претежно на свети Максим Исповедник и на свети Исаак Сирин.

 

Клитос Ј.: Ако можете, отец Јоаникиј, кажете ни и нешто за ставовите на блажениот старец поврзани со извесен конкретен проблем меѓу многубројните што ги мачат денес луѓето...

 

о. Јоаникиј: Ќе Ви раскажам една ситуација што покажува колкава величина имаше неговата душа.

Пред многу години спроти Богојавление според обичајот тргна да ги осветува домовите. Влегувајќи од куќа во куќа, влезе и во една куќа којашто без и самиот да го знае тоа беше јавна куќа. Во моментот кога почна да пее Спаси ги, Господи, луѓето Твои“ и да осветува, му вели сопственичката: „Не, не. Овие не треба да го бакнат крстот. А старецот Порфириј ѝ одговори: „Не знам дали овие или Вие не треба да го бакнете крстот“.

Жените го бакнаа крстот, а старецот им кажа и неколку збора. Им зборуваше за љубовта кон Бога, што беше негова омилена тема.

Гледајќи го просветлениот лик на старецот Порфириј, жените доживејаа една внатрешна промена; особено кога им рече: „Да Го возљубите Христа, Кој ве љуби, и ќе видите колку ќе бидете среќни. Кога би знаеле колку ве љуби Христос! Обидете се и вие да Го возљубите.

Старецот Порфириј знаеше дека ако оние жени Го познаат Христа и Го возљубат – зашто знаењето води до љубовта – ќе ја напуштат онаа нивна бедна професија.