Старец Силуан (01.06.2011)
Од младоста сакав да мислам: Господ се вознесе на небото и чека да дојдеме кај Него. Но, да бидеме со Господа треба да сме подобни на Него, или да бидеме како деца – смирени и кротки, и да Му служиме Нему. Тогаш, според Словото Господово: “Каде што Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга”, и ние ќе бидеме со Него во Царството Небесно. Но сега, мојата душа е многу темна и тажна. И не можам да го вознесам умот чист кон Бога, и немам солзи да ги оплакувам моите лоши дела. Се исуши душата моја и се измори од помрачениот живот...
О, кој да ми ја запее песната, што ја сакам од младоста, за тоа, дека Господ се вознесе на небото и дека Он многу нè љуби, и дека желно нè чека да дојдеме кај Него. Таа песна би ја слушал со солзи, оти мојата душа тагува на земјата.
Што ми се случи? Како ја загубив радоста, и дали ќе ја најдам повторно?
Плачете со мене сите ѕверови и птици! Плачете со мене шуми и пустини! Плачете со мене сите Божји созданија, и чујте ме во мојата мака и во мојата тага!
Еве за што размислува мојата душа: Кога јас толку малку Го љубам Бога, а мојата душа толку многу тагува по Господа, тогаш колку ли голема беше тагата на Мајката Божја, кога Таа остана на земјата по Вознесението Господово?
Таа не ни остави ништо напишано за маката на Својата душа. И многу малку знаеме за Нејзиниот живот на земјата. Но, треба да знаеме дека ние не можеме да ја разбереме полнотата на Нејзината љубов спрема Својот Син и Бог.
Срцето на Мајката Божја, сите Нејзини мисли, сета Нејзина душа, беа зафатени со Господа. Но, Нејзе ѝ беше дадено и нешто друго: Таа го љубеше народот и огнено се молеше за луѓето, за новите христијани, што ги утврди Господ, за сиот свет, за сите да бидат спасени. Во таа молитва беше Нејзината радост и утеха на земјата.
Ние не можеме да ја достигнеме полнотата на љубовта на Мајката Божја, но знаеме дека:
Колку е поголема љубовта, толку се поголеми страдањата на душата.
Колку е поголема полнотата на љубовта, толку е поголема полнотата на познанието.
Колку е поогнена љубовта, толку е поогнена молитвата.
Колку е посовршена љубовта, толку е посвет животот.
Никој од нас не може да ја достигне полнотата на љубовта на Божјата Мајка. Нам ни е потребно Адамовото покајание, но делумно, како што нè учи Светиот Дух во Црквата. И ние ќе ја разбереме таа љубов.