Поуки: Авва Јустин Ќелиски
 
 
 
 
 

Поуки: Авва Јустин Ќелиски (14.06.2011)

1. Секој миг од мојот живот е Божји. Зошто тогаш да се плашам од кого било и од што било, освен од Бог?

2. Свети Јован Златоуст: „Послушај Го Бог во заповедите, за Он тебе да те услиша во молитвите“.

3. Зошто ми е дадено телото? Да биде храм Божји. А душата? Да биде свештенослужител, молитвеничка во тој храм. А очите? Светила. Човекот кој брка ветер, што може да фати? Својот пад. Срцето да гори пред Бог, како пожар: во огнот на својата ревност и богокопнежливост да се очисти, растопувајќи се.

4. Богомајката? = Повизвишена од Херувимите и пославна од Серафимите, затоа што: Таа сецелиот Бог Го смести и Го роди; а тоа: да Го смести сецелиот Бог не може ниедно од создадените битија: бидејќи и Серафимите и Херувимите се икони Божји, Бог на извесен начин е и во нив, а во Неа: целиот Господ со сецелото Свое Божество.

5. Да не е Пресвета Богородица, сите луѓе одамна ќе станеа ѓаволи. Бидејќи Таа – Бог = Спасителот Го роди.

6. На сите гонители на Господ Христос: Кога паѓаме – победуваме. Сигурна победа? Смртта за Христа. Смрт – за воскреснатиот Христос. – Свети Јустин Философ и маченик: „Вие можете да нѐ убиете, но не можете да ни наштетите“.

7. Единствената проверка на совеста – Духот Свет. Сама по себе човечката совест е недоволна и секогаш погрешлива. Непогрешлива и совршена совест – кога ќе се освети, просветли, одухови, охристови, обожи. Совршена и довршена совест: само со Духот Свет. Всушност: неопходно – отроичување на совеста: а тоа = божествено безгрешна слобода на совеста.

9. Секој човек – христијанин заради боголикоста на душата. Секој човек се раѓа како потенцијален христијанин, и како вистински христоносец: затоа што во боголиката душа своја тој е веќе христолик.

10. Како што месечината не може да свети без сонцето, така и човекот не може да го сака човекот без Бог. Од Бог, Кој е љубов, извира и се извишува вистинска, и света, љубов кон ближниот. Луѓето, сите луѓе, пак, ни се ближни – во Бог: бидејќи нѐ создаде според Својот лик, – така, во суштината на битието, сите сме еднакви, и еден на друг сме си блиски и ближни.

11. Со боговоплотувањето Бог му станува близок на човекот, толку близок, поблизок отколку што тоа е човекот сам на себеси. Тоа го направи на онтолошкиот темел на човекот: боголикоста. Што ѝ е на боголикоста поблиску од Бог. Он – нејзиниот оригинал, нејзиното битие – при слободната волја: која го прави човекот самостојно битие од Бог – преку личноста. Да, личноста е на прво место: слободата кон Творецот, од Творецот, кон Творецот.  

12. Секој христијанин, во Телото Христово – Црквата, е продолжеток на Христовото воплотување, на целиот домострој на Богочовечкото спасение, доживување на сецелиот Богочовек: непрестајно доброволно-благодатно обогочовечување на себеси, охристовување на себеси. И тоа секогаш: со „сите Светии“, на чело на кои е Пречистата Богомајка. Оттаму: секој христијанин е црква во мало, а преку тоа и Црква во големо. Затоа христијанинот има „сведоштво во себеси“: во доживувањето на себеси како „сотелесник“ Христов: а со тоа: во доживувањето на себеси како вечен, како богочовечен, како отроичен, како „бог по благодат“. И така: сецелото свето предание е на христијанинот. Сѐ што е од памтивек во Црквата – негово е, суштински и благодатно: како во ќелиичка на вечноживиот Богочовечки Организам – Црквата.