Љубов
 
 
 
 
 

Љубов (15.01.2012)

Духовната љубов е повозвишена од љубовта што ја имаат браќа по тело затоа што овде станува збор за сродство во Христа а не по мајка. Оние кои ја имаат оваа чиста (изворна) љубов, полни се со добрина, зашто во себе Го имаат Христа, а на лицето им е изобразено божеството. Секако дека е невозможно Христовата љубов да влезе во нас, ако од себе не ја отфрлиме љубовта кон себе и кон светот и ја насочиме кон Бога и Неговите икони и така постојано да се даваме на другите, не барајќи тие да ни се даваат нам.

Оние, кои многу страдаат за спасение на целиот свет и придонесуваат во ова на свој начин (со подвиг) и скромно се предаваат во рацете Божји, ја чувствуваат најголемата радост во светот, а животот им е постојано славословие, зашто чувствуваат дека летаат како ангели дење и ноќе славејќи Го Бога.

Додека оние кои се рамнодушни кон спасението на својата душа се обидуваат да најдат радост и мир во овој суетен живот и непрестајно се мачат и тонат во бескрајни вртлози на светот и уште сега доживуваат пекол. А ревносните, бидејќи се движат по небесниот свет на славословење, со радост ги прифаќаат искушенијата и Го прославуваат Бога поради нив, како искушенијата да се благослови и во сè непрестајно го уживаат благословот Божји, и во сè благодарат како вистински чеда Божји.

Милостивиот Бог ни дава безмерни благослови и секогаш дејствува за наше добро, и сè би сторил за нас. Дури би направил сите Негови созданија, од растенијата до животните, големи и мали, да се жртвуваат за нас. Така и Он самиот, Бог, се жртвувал за да го искупи човекот. За жал, многу од нас се рамнодушни кон сето ова. Го рануваме со својата безгранична неблагодарност и бесчувствителност, а Он и понатаму ни ги дава сите Свои добра.

Совеста е првиот закон Божји, когошто, Он го втиснал длабоко во срцата на првосоздадените луѓе, а потоа го наследува секој од нас, како копија при раѓањето од своите родители. Оние кои успеале да ја истанчат својата совест со секојдневно себеиспитување, почнуваат да се чувствуваат себеси како странци во овој свет, а тоа предизвикува чудење кај световните луѓе. Меѓутоа, оние кои не ја проверуваат својата совест, немаат корист ниту од духовно барање, ни од најискусни старци, ниту, пак, ќе можат да ги запазуваат заповедите Божји, зашто веќе станале бесчувствителни.

Чувствителните и ревносните кои сè исполнуваат со точност, поради својата трпеливост, која доаѓа од љубовта, стануваат потиснати од бесчувствените, но љубовта Божја секогаш е со нив. Многупати се грешат против себеси поради својата пречувствителност, зашто ги преувеличуваат своите ситни гревови или себеси се оптоваруваат со туѓите грешки, но, пак, Бог ги насладува со Својата рајска добрина и со тоа, духовно ги закрепнува.

Оние кои ги навредуваат или повредуваат чувствителните луѓе, судејќи по нивната внатрешност, не се луѓе.

Оние кои велат дека се чувствителни и поседуваат љубов и љубезност и трпат неправди кои луѓето им ги нанесуваат, но велат: „Нека Бог ги казни“, измамени се од лукавиот, зашто не сфаќаат дека тоа е само „благородно“ зло. Сите ние во овој живот даваме испити (од незлобива љубов) за да поминат во друг, вечен, рајски живот. Мислам дека ова е „благородно“.

Значи, оние кои се направедни, пред сè, неправедни се кон себеси и оние кои радосно трпат неправда заслужуваат вечна награда.

Многупати добриот Бог ги остава добрите луѓе во рацете на злите, за да ја остават својата добрина и да ја вкусат небесната.

Секако, добрите луѓе не го задржуваат злото во своето срце, но, ни својата добрина не ја задржуваат само за себе. Затоа не поседуваат убави предмети, ниту, пак, ги допира убавината на овој свет. Со ова ја покажуваат својата топла вера во Бога и својата голема љубов.

 

Старец Пајсиј Светогорец