Насоки за подвижништвото
 
 
 
 
 

Насоки за подвижништвото (16.01.2012)

Впечатливи се царските наредби кои им се даваат на потчинетите, но уште повеќе се прочуени царските наредби кон војниците. И оној кој сака повисок и голем чин, кој сака секогаш да биде Христов соподвижник, треба внимателно и како војничка наредба да ги слуша големите зборови: Кој Мене Ми служи, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга (Јов. 12, 26). Каде е Царот Христос? Се разбира, на небесата. Таму и ти, војнику, треба да го насочиш своето движење. Затоа заборави на земниот спокој.

Ниту еден војник не гради куќа, не стекнува полиња, не се впушта во разни трговии заради зголемување на имотот. Ниту еден војник не се вплеткува во работите на секојдневниот живот, за да му угоди на својот војсководач (2. Тим. 2, 4). Војникот храна добива од царот. Нему не му е потребно сам да набавува храна: тој воопшто не треба да се грижи за тоа. Нему насекаде царските слуги по царската заповед ќе му отворат врата. Тој не мора да се грижи за дом. Тој има шатор на широкиот пат и храна колку што му треба, и сон колку што му е дадено. Тој поднесува многу походи и бдеења, и топло и ладно, битки со противниците, исклучителни опасности, многу пат и блискост со смртта, но со славната смрт. Тој прима и почести и царски дарови. Неговиот живот е многу тежок во време на војна, но е пријатен кога има мир. Како награда за јунаштвото и венец за добриот живот во подвизи, му се доверува началство, се именува царски пријател, има пристап до царот, удостоен е да ја поздравува царската десница, да прима одликувања од царската рака, да раководи со неговите потчинети и да им помага на пријателите во нивните потреби.

Значи, војнику Христов, земајќи ги малите примери од човечките дела, размисли за вечните добра. Определи се за живот без дом, без другарувања, без стекнувања. Стани независен, ослободувајќи се од сите световни грижи. Нека не те врзуваат ниту копнежот за жена, ни грижата за деца. Бидејќи, тоа не е можно за оној кој војува за Бога. Зашто, оружјето на нашето војување не е телесно, туку моќно со Бога (2. Кор. 10, 4).  Нека не те совладува телесната природа и нека не те притиска против твојата волја. Не дозволувај од слободен да те направи затвореник. Немој да се трудиш да оставиш деца на земјата, туку да се качиш на небото. Не се прилепувај за плотското сопружништво, туку стреми се кон духовното. Раѓај души и духовно воспитувај деца. Пример нека ти биде небесниот Женик, совладувај ги бунтувањата на невидливите непријатели, бори се против началствата и властите (Ефес. 6, 12), протерувајќи ги најнапред од својата душа (за да немаат никаков удел во тебе), а потоа и од срцата на оние кои прибегнуваат кај тебе и те прифаќаат за водач и заштитник, кои ги заштитува твојот збор. Совладувај ги помислите кои се спротивставуваат на верата во Христос. Со благочестиви зборови војувај со нечестивите и зли помисли. Зашто, кажано е: Спротивставувај се на сите мудрувања и на секоја горделивост што се крева против познанието за Бога (2. Кор. 10, 5).  И најмногу надевај се во десницата на големиот Цар. Штом се покаже, Тој веднаш влева страв и противниците ги принудува на бегство. А ако Му е угодно да покажеш смелост во опасностите и ако сака својата војска да ја воведе во битка со противничката, ти биди истраен во секој напор на непоколебливата душа која е во опасност, со задовлство преоѓајќи од земја во земја, од море на море. Бидејќи, речено е: А кога ќе ве протераат, бегајте од град во град (Мат. 10, 23). И кога ќе бидеш принуден да се појавиш на судење, да застанеш пред управниците, да трпиш напади од маса од луѓе, да го гледаш страшниот изглед на џелатот, да го слушаш неговиот суров глас, да го поднесеш ужасниот изглед на направата за мачење, да бидеш на маки, да се подвизуваш до смрт, немој да ја губиш верата, туку имај Го пред очи Христос, Кој заради тебе сето тоа го издржа. Знај дека заради Христос и ти мораш да претрпиш зло. И тогаш ќе победиш, бидејќи одиш со Царот победник Кој сака и ти да станеш учесник во Неговата победа.

И да умреш, нема да бидеш победен, туку ќе добиеш најсовршена победа, во себе до крај ќе ја сочуваш непоколебливата вистина и постојаната решителност за неа. И ќе преминеш од смрт во вечен живот, од отсуство на почит кај луѓето до слава во Бога, од патење и маки во светот до вечен мир со ангелите. Земјата не те прифати како свој граѓанин, но те прифаќа небото. Светот те прогони, но ќе те понесат ангелите и ќе те претстават пред Бога, и ќе се наречеш Негов пријател и ќе ја слушнеш најпосакуваната пофалба: „Убаво, добар и верен слуго (Мат. 25, 23), војнику добар, подражавачу на Владиката, следбенику на Царот. Ќе те наградам со Своите дарови. Ќе ги чујам твоите зборови, бидејќи ти ги послуша Моите“. Ќе се молиш за спасение на браќата кои се трудат, и со заедничарите во верата, со таинствениците на светата љубов, од Царот ќе примиш учество во добрата. Ќе ликуваш со вечно ликување, меѓу ангелите ќе бидеш носител на венец под скриптарот  на Царот Кој царува над созданијата и вечно блажен во ликот на блажените. А ако посака и после подвигот пак да те остави во светот, за да извршиш уште поголем број разни подвизи и да спасиш многу од видливите и невидливите борби, и на земјата твојата слава ќе биде голема: ќе те почитуваат пријателите кои во тебе ќе најдат застапник, помошник и добар молитвеник. Едни ќе те нахранат како добар војник, други ќе те почитуваат како храбар воин, а некои ќе те поздравуваат и со радост ќе те дочекуваат примајќи те, како што кажува св. ап. Павле: како ангел Божји, како Исус Христос (Гал. 4, 14). Такви се и на тоа слични оние кои учевствуваат во Божјата војна.

Оваа беседа не се однесува само на машките. Со Христос војува и женскиот пол, кој учествува во војската од душевна храброст и кој не е отфрлен заради телесната слабост. И многу жени се истакнаа исто како и мажите. Има и такви кои дури и повеќе се прославија. Таквите го зацврстија девственичкиот лик. Тие сјаат со подвизи на исповедање и со победи на мачеништво. И Самиот Господ, при Неговото доаѓање, Го прателе не само мажи, туку и жени. И едните и другите Му служеле на Спасителот.

Бидејќи се такви и толку славни наградите кои се подготвени за оние кои војуваат за Христос, такво војување нека посакаат и татковците за своите синови и мајките за нивните ќерки. Нека приведат оние кои родиле, насладувајќи се со вечни надежи, со кои нивните деца ќе се приопштат, и сакајќи да имаат вечни застапници и добри молитвеници кај Христос. Да не бидеме малодушни заради децата, ниту да се плашиме ако се помачат, туку да се радуваме, зашто ќе се прослават. Да Му ги посветиме на Бога оние кои ни ги дарува за и ние да бидеме учесници во славата на своите деца, кога самите себеси со нив се приведуваме и посветуваме на Господа. За луѓето кои се така ревносни и кои така прекрасно се подвизуваат може да се каже со зборовите на псалмопејачот: Благословени сте вие од Господа, Кој го создаде небото и земјата (Псал. 113, 23). За нив можеме да се помолиме по примерот на Мојсеј: Господи благослови ги нивните дела и порази ја гордоста на оние кои стануваат против нив. Бидете храбри како оние кои не знаат за страв и решително извршувајте го своето заради вечните венци во Исус Христос нашиот Господ. Нему слава во вековите. Амин!

Свети Василиј Велики