ВОЗДРЖУВАЊЕТО (18.01.2012)
Вистински блажен и трикратно блажен е оној човек, кој го запазува воздржувањето, зашто воздржувањето е голема добродетел. Меѓутоа, послушајте, до каде се простира воздржувањето, по што треба да се цени и како треба да се применува. Така, има воздржување за јазикот – да не говори многу и напразно; да владееш со својот јазик и да не злословиш; да не навредуваш со збор и да не се колнеш; да не клеветиш и празнословиш; да не го критикуваш ближниот и да не издаваш тајни; да не се занимаваш со тоа, што не е твоја работа! Има воздржување и за ушите- да владееш со својот слух, да ја одбегнуваш празната вест, да не слушаш гнили зборови, да ги пазиш своите уши од срамни песни. Има воздржување и за очите – владеј со својот вид, да не скита твојот поглед, внимателно гледај на сè пријатно, оттргнувај се од сè непристојно, не задржувај око на женски образ, не биди пленет од телесна голотија, не биди привлечен од телесна убавина. Има воздржување од раздразнетост – владеј со својот гнев, не се распалувај брзо, чувај спокојство. Има воздржување од слава – владеј со својот дух, не посакувај популарност, не се превознесувај, не фантазирај за пофалба, не биди надмен, не барај слава. Има воздржување во помисла – не биди склон кон измамливи размисли, одбегнувај возбудувачки мисли, не се насладувај од такви нешта, победувај ги со страв Божји. Има воздржување во храна – владеј со себеси и не претерувај во храна; не се лакоми за обилни и скапи гозби; не јади непромислено, а само во определено време; не возбудувај алчност од апетит кон различна храна; не се предавај на духот на угодување на стомакот.
Има воздржување во пиење – владеј со себеси и бегај од пијанки; не се насладувај од пријатниот вкус на виното; не пиј вино без потреба; не истражувај различни напивки; не се вовлекувај од задоволството да пиеш неприродно приготвени смеси; не употребувај без мерка не само вино, но ако е можно, дури и вода. Има воздржување и во желбите – владеј со своите чувства; бегај од порочното сластољубие; не гледај снисходливо на емотивни возбуди; не биди склон кон сладострасни помисли; не се вовлекувај во тоа, што предизвикува омраза; никогаш не ја исполнувај волјата на телото; скротувај ги сите страсти преку страв Божји. Вистински воздржлив е оној, кој, силно ги посакува бесмртните блага во вечноста – кон нив тој се насочува разумно, откако одбегнува телесни желби, откако се гади од угодување во нечисто, откако не се насладува од пријатности на сетилото за мирис, откако не се фаќа преку зборови во измама, откако не се надева на жени, откако не го растегнува својот разговор со жени. Кој е вистински мажествен и воздржан и внимава на себеси за она бесмртно успокојување – тој се воздржува во секаква помисла и секоја желба ја преодолева преку страв Божји и преку осознавање на подоброто во идниот век. Сè спротивно на досега реченото, го носи името невоздржување – збир од непристојност и грев. Блажени се оние, кои смело ќе се претстават на Судијата во страшниот ден, зашто од рацете на Господа ќе ја примат светата награда.
Св. Ефрем Сирин