За молитвата (26.01.2012)
Треба да знаеш дека никој не може сам да го задржи умот од скитање ако самиот ум не биде поддржуван од Божјиот Дух. Бидејќи, умот, кога ќе се оддалечи од Бога, секаде е воден, ваму-таму, како заробеник, допирајќи се до сѐ по малку. И невозможно е да се запре и соедини со Бога, ако не почне често и трпеливо да Му се моли Нему, секојдневно исповедајќи Му ја својата грешност, со смиреност и покајание молејќи се, спомнувајќи Го постојано Неговото свето име. Кога со силата на таквиот молитвен труд, дејството на молитвата, ќе се всели во срцето, тогаш молитвата, под дејство на Божјата благодат, почнува да го задржува до себе умот, веселејќи го срцето и ослободувајќи го од гревовните окови со кои бил врзан и мачен претходно. Св. Јован Лествичник доаѓа до заклучок: „Бори се за да ја сврзеш својата мисла со зборовите на молитвата, или подобро – да ја заклучиш во нив. И ако се случи заради својата детска слабост твојата мисла да се измори и падне, воведи ја повторно во зборовите на молитвата. Непостојаноста е својствена за човековиот ум. Но, Оној, Кој сѐ може да зацврсти, може и нашиот ум да го направи постојан. Ако истрајно се подвизуваш ќе дојде и кај тебе „Оној, Кој ги одредува границите на морето“ на човековиот ум, и ќе му рече во твојата молитва: „Ќе дојдеш до овде, и понатаму нема да можеш да поминеш“. Духот е невозможно да се задржи; а таму каде што е Создателот на Духот, таму сѐ Му се покорува“.
Од почетниците никој и никогаш не може да ги избрка помислите, ако Самиот Бог не ги протера. Само на искусните им е својствено да се борат со нив и да ги избркаат. Но, ни тие сами по себе не ги бркаат, туку со Бог излегуваат во борба со нив, наоружени со Божјата огнена сила. Ти, пак, кога ќе надојдат помисли, повикувај Го Господ Исус Христос често и трпеливо и тие сами ќе побегнат: бидејќи, демоните кои ни ги предлагаат, не трпат срдечна топлина, молитвено дејство, туку бегаат како изгорени од оган.
Едни учат за усно изговарање на молитвата, а други за умно. Што значи тоа? Тоа значи, кога умот ќе се измори од молитвата самиот во себе, од досада, тогаш треба умот да се потпомогне со усно, гласно произнесување. Потоа умот ќе се придружи на гласот и молитвата ќе ја кажуваш и со јазикот и со умот. Најпосле, јазикот нека ја изговорува молитвата многу тивко, за гласот да не го наруши вниманието на умот, и да не ја прекине внатрешната молитва додека умот не се навикне на ова дејство, и додека примајќи Го Светиот Дух не стане крепко. Тогаш веќе нема да биде потребно произнесувањето на молитвата усно. Кога тоа ќе го достигне, човекот чувствува радост од таквото умно дејство, и повеќе не сака да се одвојува од него. Умната молитва станува негова постојана професија.
Свети Григориј Синајски