Исусовата молитва (27.01.2012)
Еднаш еден идолопоклоник сретнал некои монаси и почнал да разговара со нив за молитвата. Ги прашал: „Кога се молите дали Бог нешто ви зборува?“ А тие одговориле: „Не“. Потоа тој рекол: „Кога јас се молам, тој ми одговора. Тоа мора да значи дека мојата молитва е почиста и подобра од вашата“. Се разбира, идолопоклоникот не Му се молел на Бога, туку на ѓаволот и тој му одговорал на молитвите. Многу пати, кога се молиме, Бог не ни одговора, бидејќи нашата молитва има некои „паразити“. Со други зборови, нешто ни го одвлекува вниманието. Умот ни е расеан. Молитвите се извршуваат како некоја формална, рутинска работа. Во нив нема суштина. Се молиме, но размислуваме за други работи. Мислите кои ни го одземаат вниманието нѐ одвојуваат од молитвата. Многу пати се молиме, а не знаеме што изговараме. Ако ние не знаеме што изговараме, ако на пример ја изговараме Господовата молитва и не сфаќаме што зборуваме, како тогаш Бог ќе нè разбере? Многу е важно да сме сконцентрирани на зборовите од молитвата. Секако, постои една мала молитва која ги надминува другите, која многу ни помага да го собереме вниманието. Тоа е Исусовата молитва. Иако е многу едноставна и може да се изговори во еден здив, многу е силна, многу моќна, и може да дејствува со голема Божја благодат бидејќи го содржи светото Исусово име. Нашите имиња ја немаат во себе силата која ја има Исусовото име, бидејќи тоа е едно од Божјите имиња. Кога го изговараме Исусовото име ја повикуваме на помош целата сила, духовна енергија и благодат, кои самото име ги отклучува за нас. Штом ќе се разбудиме наутро, потребно е што побрзо умно да го изговориме Исусовото име, да помислиме на Бога. Кога ги извршуваме обврските во текот на денот, кога влегуваме во кола, повторно, умно го изговараме Исусовото име за да имаме Божја заштита. Го држиме умот во Бога, како некој вид на осигурување, кое нѐ заштитува, се грижи за нас и нѐ води кон спасение. Во своите автомобили ставаме крвчиња, икончиња како благослов, барајќи Божја помош. Колку само можеме да го осигураме својот живот со повикувањето на Исусовото име! Ние, христијаните, мораме да сфатиме дека молитвата е дишењето во нашиот живот. Тоа е нашата духовна храна. Со други зборови, ако не се молиме, не можеме да живееме, ќе умреме и нема да ја имаме таа радост, вечноста да ја поминеме со Христос. Кога го имаме Исусовото име во умот, тогаш зборовите од Светото Писмо и Светите Тајни започнуваат да пуштаат корен во нашиот живот, развиваат во нас некој вид на богатство и нѐ водат сѐ по блиску до Бога.
Старец Ефрем Филотејски